Уште една мистериозна смрт на руски тајкун – прегазен екс-премиерот на Дагестан Абдулаев – ММС
ММС

Објавено на: 01/9/23 4:35 PM

Уште една мистериозна смрт на руски тајкун – прегазен екс-премиерот на Дагестан Абдулаев

Автомобил од марката „нива“ удри во 61-годишниот Магомед Абдулаев, руски бизнисмен,поранешен премиер на регион богат со нафта Дагестан, по што тој почина.  Како што пишува „Дејли Мејл“, Абдулаев бил близок со поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев. По несреќата бил хоспитализиран, но од тешките повреди починал.

Медиумите пишуваат дека тоа е последниот во низата мистериозни смртни случаи во Русија во текот на изминатата година од почетокот на војната во Украина.

Абдулаев, кој е и поранешен ректор на Дагестанскиот државен педагошки универзитет, ја минувал улицата кога го удрил автомобилот во градот Махачкала на Каспиското Море. Пешакот Абдулаев го минувал коловозот на недозволено место. Не е познато дали е уапсен 55-годишниот возач.

Магомед Абдулаев беше премиер на регионот Дагестан од 2010 до 2013 година во времето кога Медведев беше претседател на Русија.

Со Медведев, кој е близок сојузник на Путин, сега покојниот Абдулаев го врзува долго пријателство уште кога биле студенти на Државниот универзитет во Санкт Петербург. Медведев (57) во моментов е заменик на Путин во Советот за безбедност на Русија и се тврди дека е негов најблизок политички соработник и предводник неговата партија Единствена Русија.

Во Русија се случија поголем број „сомнителни“ смртни случаи, на луѓе кои доаѓаат или се поврзани со енергетскиот сектор, откако тензиите ескалираа сред инвазијата на Путин на Украина во февруари 2022 година.

Богатиот политичар Николај Петрунин  имаше само 47 години кога почина во октомври по еден месец во кома. Мултимилионер, татко на три деца, поранешен врвен извршен директор во индустријата за гас, наводно починал од компликации поврзани со тешка КОВИД. Тој беше заменик-претседател на влијателната енергетска комисија на рускиот парламент и лојалист на Путин и „политички штитеник“, пишува „Дејли Мејл“.

Познат е по бизнисите со изградба на гасоводи за големите руски енергетски оператори, а тој имаше врски со гасниот гигант во Кремљ – Газпром, кој сега го лишува Западот од руските резерви поради војната, како и со Роснефт.

На 1 септември, нафтениот тајкун Равил Маганов (67) падна од прозорец на шестиот кат на болница во Москва.

Во еден извештај се вели дека претседателот на Лукоил – втората по големина руска нафтена компанија – бил „претепан“ пред да биде „фрлен од прозорец“, но тоа не е официјално потврдено, пишува весникот.

 

Днес.бг