Во Филхармонија вечер од 20 часот ќе се одржи божиќен концерт на традиционални празнични песни – завршен настан од манифестацијата „Бадникови поворки” за оваа година.
Најавено е учество на македонски музичари и пејачи, ревијален оркестар од автентични инструменти, хорот „Козма Пречистански” и пејачи од насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”.
– Свечена празнична симфонија од звуци, предводена од нашиот етаблиран музичар, композитор и основач на „Љубојна” – Оливер Јосифовски, единствената Вера Милошевска – вокал, светскиот виртуоз на кларинет – Исмаил Лумановски, група „Чалгии мерак” и останатите врвни музичари: Филип Михајлоски – канон, Тони Арслан – виолина, Христијан Јаневски – тамбура, Роберт Ангеловски – кавали, Петар Христов – лира, Оливер Настовски – ут, Мите Наумовски – џумбуш, Анастасиос Иоану – кларинет, Демир Шакиров, Христијан Николовски и Шериф Мустафа – перкусии, како и вокалистите: Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Стефан Филиповски (Некст тајм) и Никола Перевски – Пере (Нокаут), соопштија организаторите на концертот, кој ќе се пренесува директно на МРТ.