Желби за среќно и безгрижно детство – 500 деца од различни градови на божиќен ручек во Прилеп – ММС
ММС

Објавено на: 01/7/23 3:13 PM

Желби за среќно и безгрижно детство – 500 деца од различни градови на божиќен ручек во Прилеп

Околу 500 деца од повеќе градови, деца без родители, деца од различна вероисповед, по 17-ти пат денеска беа на заеднички Божиќен ручек во Прилеп во организација на Детската амбасада за сите деца во светот.  Децата упатија желби за среќно и безгрижно детство и за радост во семејството.

Александра Северкоски, извршен директор на Детската амбасада за сите деца во светот нагласи дека е најбитна детската радост и посака да ја има повеќе во 2023 година.

– Освен децата, членови на здружението, на божикниот ручек имаме деца од Тетово, од Скопје, од Штип, Струмица, од Охрид, Битола. Децата се среќни, а и ние како организатори што оваа традиција продолжува, со надеж дека оваа година ќе ни биде посреќна, а лошите мисли ги оставивме зад нас. Целта што сакаме да ја постигнеме е мотото на здружението „едно небо за сите деца” и пораките децата да се почитуваат меѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата и сите да придонесуваме кон градење на нашето општество, рече Северкоски.

Прилепскиот градоначалник, Борче Јовчески им додели пакетчиња на децата и им посака да имаат безгрижно детство.

Митрополитот Петар, кој е покровител на манифестацијата, истакна дека Божик не може да се замисли без децата.

– Кога Исус Христос поставил дете пред апостолите им рекол дека не можат да појдат во небесното царство ако не бидат како децата со чисти мисли, трудољубиви, со искрени чувства за љубов. Без децата не може да се замисли најрадосниот празник, Божик, Христовото раѓање, рече владиката Петар.

На божикниот ручек, својата хуманост и желба да помогнат ја покажаа учениците од прилепската гимназија „Мирче Ацев” со нивната професорка Ружа Наумоска. Тие седум години спроведуваат добротворни акции, а годинава сите средства и материјални добра им ги наменија на децата во згрижувачките семејства.

Здружението Детска амбасада за сите деца во светот, орденот на мирот годинава ѝ го додели на општествено одговорната компанија „Кромберт и Шуберт” од Битола.

 

МИА