По двегодишна пауза поради пандемијата на ковид-19, денеска во периодот од 10 до 12 часот во вкупно 62 градови и населени места во земјава илјадници деца ќе чекорат во бадникови поворки на радоста и пеејќи ја ангелската песна „Вечниот Бог” ќе го најавуваат Христовото Раѓање.
Најголемата бадникова манифестација ќе започне во Скопје во 11 часот со празничен концерт на Градскиот плоштад „Македонија” каде што сите деца со нивните семејства ќе бидат пречекани со настапите на Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, Златно славејче, Вера Милошевска, Димитар Андоновски, Стефан (Некст тајм) и Пере (Нокаут).
Водители на настанот ќе бидат мега-популарните детски ѕвезди: Марија Јанчевска и Јован Дукмеџиев.
После концерт, ќе се оформи бадникова поворка што преку Камениот мост ќе тргне кон Соборниот храм „Св. Климент Охридски”, каде што сите коледарчиња ќе бидат дочекани и дарувани од неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.
Свечени бадникови поворки со стотици деца ќе се организираат и во Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Крушево, Штип, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Битола, Ресен, Тетово, Гостивар, Дебар, Куманово, Крива Паланка, Македонски Брод, Виница, Кочани, Св.Николе, Радовиш, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица, Валандово, Берово, Демир Капија, Велгошти, Дебарца, Враништа, Ростуше, Јанковец, Могила, Драслајца, Брвеница, Вратница, Банско, Ново Село, Зубово, Сушица, Ново Коњарево, Удово, Јосифово, Пирава, Грчиште, Марвинци, Балинци, Брајковци, Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Илинден, Петровец, Чучер Сандево, Бардовци…
Во сите поголеми градови во Македонија, исто како и во Скопје, поворката ќе биде крунисана со празнични концерти на пригодни божиќни песни во кои учествуваат локални ѕвезди и хорови.
МИА
Фото: Архива