Одлетаа за Истанбул и Дубаи! Најбарани градови за нашите граѓани за дочек на Нова Година – ММС
ММС

Објавено на: 12/30/22 8:29 AM

Одлетаа за Истанбул и Дубаи! Најбарани градови за нашите граѓани за дочек на Нова Година

Покрај економската и енергетската криза, граѓаните наоѓаат средства и начини за прослава на Новата година надвор од земјата. Поради поволните цени, годинава како најбарани дестинации за новогодишната ноќ се Истанбул и Дубаи, а помал е интересот за европските градови.

Агенциите што ги контактираше МИА велат дека за Истанбул се организираат тридневни до четиридневни тури, во коишто се вклучени разни програми за прослава на новогодишната ноќ. Од другите турски градови меѓу најбараните дестинации е и Анталија.

Според агенциите, голем е интересот и за Дубаи поради поволните цени што ги нудат хотелите, авиокомпаниите и туристичките агенции. Некои агенции организираат осумдневни тури кои се поделени на по четири дена за Дубаи и четири за Абу Даби, некои други пак, нудат аранжмани кои траат од пет до девет дена.

Во однос на европските градови, агенциите посочуваат дека интересот е помал поради намалениот број на авиолинии со поевтина тарифа кон одредени градови и зголемувањето на цените во хотелите.

Сепак, некои граѓани можат да си дозволат аранжмани за дочек на Нова година во одредени градови како што се Париз, Будимпешта, Мадрид, Венеција, Милано, Рим и други.

Од градовите во регионот, најатрактивен е Белград во соседна Србија, но според агенциите, за прослава на новогодишнината ноќ во овие градови, најчесто граѓаните сами се организираат.

МИА