Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, денес упати апел до љубителите на овој спорт , на 3 јануари да дојдат во СЦ „Борис Трајковски“ на ревијалниот и хуманитарен спортски настан „СИТЕ ЅВЕЗДИ“.
– Чест ми е и привилегија со еден ваков прекрасен настан да се заблагодариме на овие 20 посветени Македонци кои најпрофесионално, со целосна посветеност и полно срце ги бране боите на нашата репрезентација изминатите години. Сметам дека ќе биде интересен настан. Тие заслужуваат многу повеќе од ова што го правиме. Ги поканувам сите кои можат да дојдат. Благодарност и до уметниците и спонзорите затоа што настанот ќе биде хуманитарен и сите средства ќе одат за Детското СОС село. Цел на Ракометната федерација на Македониај е да собереме еден милион денари да ги донираме за потребите на дечињата, рече Мукаетов.
Натпреварот меѓу сегашните и поранешните репрезентативци ќе трае две полувремиња по 15 минути.
Претставници на ветераните на денешната прес-конференција беа пивотите Ванчо Димовски и Стојанче Стоилов. Двајцата ја поздравија иницијативата настанот да има хуманитарен карактер.
– Би сакал овој настан да им донесе среќа на нашите репрезентативци на Светското првенство, рече Димовски.
Стоилов очекува добра забава, дружење и позитивна атмосфера.
Од името на СОС Детско село за финансиската донација се заблагодари Рахела Евтимова.
– Оваа поддршка на децата им е повеќе од потребна. Благодарност до Ракометната федерација на Македонија, ракометарите и сите оние кои што ќе дојдат на настанот.
Покрај натпреварот на поранешните и сегашните македонски репрезентативци, публиката ќе има можност да ужива во настапот на Некст Тајм, Кики, Меморија, Дац и Александар, Сашко Коцев.