Владата предложи срамен и произволен буџет за здравство за 2023 година, без никаква анализа и во нетранспарентна постапка, кој Собранието го усвојува без суштински интервенции.
Вака денеска преку писмено соопштение реагираа Платформата за ХИВ (14 организации од земјата), Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари и Здружението ЕСЕ, од каде обвинуваат дека моменти на криза, Владата целосно го запоставува здравјето на граѓаните.
-Ваквата негрижа за многу наши блиски ќе биде прашање на живот или смрт. Притоа, станува збор за смртни случаи коишто може да се избегнат доколку се обезбеди соодветна превенција и современа терапија – велат од невладиниот сектор.
Ранливите категории граѓани најмногу на удар
Оттаму објаснуваат дека наспроти драстичното зголемување на државниот буџет за дури 19 % во споредба со тековната година, буџетот на Министерството за здравство за 2023 година ќе биде намален за дури 586,5 милиони денари споредено со првично предвидениот буџет за 2022 г. Според невладините, во пракса ова значи дека се намалени средствата за програмите за превенција на кардиоваскуларни болести, за организирање и унапредување на крводарителството, за превентивна здравствена заштита, за задолжителна имунизација, за спречување на бруцелозата, за спречување на туберкулозата и за заштита од ХИВ- инфекција. Во делот на куративната здравствена заштита намалени се средствата за лекување на пациенти на дијализа и средствата за партиципација за различни ранливи категории граѓани.
Во денешното соопштение, граѓанските организации посочуваат дека иако ранливите категории граѓани се најмногу на удар, сепак од катастрофалните состојби во здравството, со целосно отсуство на визија и стратешки интервенции, засегнат е најголемиот дел од граѓаните.
Пристапот до лекови и застарената позитивна листа, која не е ревидирана повеќе од 10 години, се само еден сегмент на проблемот. Правилник за методологијата за утврдување и донесување на Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот, министерот за здравство сè уште нема донесено – иако тоа било законска обврска за Владата која требало да се случи уште во март 2020 година, согласно со Законот за здравственото осигурување. Кон тоа, Владата нема никаква стратегија за обезбедување на животоспасувачки и есенцијални лекови за своите граѓани – нешто по што се разликува од сите земји во Европската Унија и од речиси сите земји во регионот.
Во делот на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција, Министерството за здравство и Владата целосно ги игнорираат официјалните препораки на домашните експерти, но и на Светската здравствена организација (СЗО), која токму поради неоснованите кратења, во текот на изминатите месеци реализираше мисија за техничка поддршка на националниот одговор кон ХИВ.
„Како здруженија на пациенти и на други граѓани засегнати од ХИВ-инфекцијата, нè застрашува степенот на непрофесионалност со кој се определуваат буџети за сериозни здравствени и јавно- здравствени прашања во Министерството за здравство. Во оваа институција целосно отсуствува каква било јавно-здравствена експертиза при планирањето на буџетите и на здравствените политики и воопшто не се земаат предвид достапните научни докази“, изјавува Андреј Сених од Здружението за поддршка на пациентите со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ од Скопје.
Неодговорниот однос на Министерството за здравство и Владата во 2022 година веќе резултираше со криза во обезбедување на лекови – за првпат во 9 години – кога 350 пациенти со ХИВ стравуваа дека ќе останат без терапија. Проблемот беше надминат само благодарение на тоа што дел од пациентите успеаја да се снајдат и да обезбедат лекување во друга земја, заштедувајќи на тој начин дел од последните залихи на лекови за останатите пациенти.
Во однос на епидемијата на ХИВ, Владата ги заборавила и своите меѓународно преземени обврски да осигури дека до 2025 година најмалку 95 % од луѓето што живеат со ХИВ ќе бидат дијагностицирани и ќе им биде овозможен пристап до антиретровирусна терапија. Математичките моделирања покажуваат дека од вкупниот број лица инфицирани со ХИВ во Северна Македонија, само околу 66 % се свесни за својата инфекција. Нашата земја не покажува напредок кај овој параметар уште од 2017 година, за разлика од трендовите на светско ниво, каде што се проценува дека во 2020 година 84% од вкупниот број лица со ХИВ веќе биле дијагностицирани.
Дополнително, како држава што го започнала процесот на скрининг со Европската Унија и се надева да стане полноправна членка, Владата го игнорира Извештајот за Северна Македонија за 2022 година од Европска комисија, кој ја посочува сериозноста на проблемот на кратење на буџетските средства за националниот одговор кон ХИВ. Со таквите свои постапки Владата не само што ги доведува граѓаните во животозагрозувачка состојба, што е најважно, туку и предизвикува проблеми во интегративниот процес поради нереагирање кон забелешките на Европската комисија.
Бараме Владата и мнозинството во Собранието уште еднаш да се преиспитаат пред да се направат непоправливи штети во доменот на јавното здравје – додаваат граѓанските организации.