Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска апелира да се реши статусот на Универзалната сала во Скопје и најави дека по празниците ќе иницира нова средба со скопската градоначалничка Данела Арсовска.
На денешната прес-конференција во Владата, министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека до денес немаат добиено информација од Градот Скопје до каде се активностите околу Универзалната сала.
– Морам да апелирам и да напомнам дека Градот Скопје е влезен во најтесниот круг за Европски град на културата во 2028 година. Бидејќи Универзалната сала се јавува како апликант на тој конкурс, апелирам и ќе иницирам нов состанок со градоначалничката Данела Арсовска, затоа што мораме заедно (Град Скопје и Министерството за култура) да работиме на таа програма која е од национален интерес, рече Костадиновска-Стојчевска, одговарајќи на новинарско прашање.
Министерката нагласи дека Владата е подготвена со сите свои ресурси да ја реализира оваа апликација, бидејќи се работи за прашање од национален интерес.