Ја давел, ја тепал со боксови, се заканувал со секира – Жител на Гевгелија осомничен за силување – ММС
ММС

Објавено на: 12/22/22 3:05 PM

Ја давел, ја тепал со боксови, се заканувал со секира – Жител на Гевгелија осомничен за силување

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено за кривично дело – Силување од член 186 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

-Осомничениот, на 19 декември, со употреба на сила и сериозна закана дека непосредно ќе нападне врз нејзиниот живот и врз животот и телото на нејзините родители, ја присилил на обљуба оштетената со која другарувале и се познавале повеќе години наназад. Тие се договориле да се сретнат, бидејќи на осомничениот му бил роденден. Тој ја зел оштетената со автомобилот и ја однел кај тениското игралиште лоцирано кај поранешната касарна во Гевгелија, каде почнал да и зборува дека ја сака. Кога оштетената го одбила,  станал агресивен, ја фатил со двете раце за вратот и започнал да ја дави од што оштетената изгубила свест. Кога се освестила, со возилото биле стигнати пред местото викано „Динќот“, па бидејќи осомничениот возел побавно, оштетената ја отворила вратата и побегнала надвор од возилото и почнала да бара помош, информираат од ЈО и додаваат:

-Во близина немало никој, па осомничениот го запрел возилото, излегол надвор и кога ја стигнал почнал со боксови да ја удира по лицето во пределот на главата и очите. Од ударите оштетената повторно паднала во бессознание, по што осомничениот ја ставил во возилото и ја однел во викендица во селото Конско, сопственост на неговото семејство. Бидејќи пружала отпор, почнал да и се заканува дека нема да излезе жива од таму, дека ако каже на некој ќе ги убие нејзините родители и нејзините другарки, а заканите ги изрекувал држејќи секира до него. Потоа извршил обљуба врз неа неколку пати, па ја запалил нејзината облека и телефон за да ги прикрие трагите. Ја натерал да му вети дека нема да го пријави, по што и дал друга облека од викендицата и ја оставил пред куќата во која живее, се вели во соопштението на ЈО.

Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе се даде во бегство, ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и дека ќе го повтори или ќе го доврши кривичното дело, јавниот обвинител до Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор. Предлогот на обвинителството е прифатен и на лицето му е определен притвор во траење од 30 дена.​