„Првпат го видов толку свесно среќен“ – Малиот Лука од Битола, кој има аутизам, со песничка порача „Ние не сме аут“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/23/22 9:00 AM

„Првпат го видов толку свесно среќен“ – Малиот Лука од Битола, кој има аутизам, со песничка порача „Ние не сме аут“

„Ние сме тука исти сме ко вас, некогаш сме тивки, а некогаш викаме на глас. Ние не сме аут, само знаеме понекогаш во себе да се скриеме“.

Со овие стихови, единаесетгодишниот Лука од Битола упати пораки за еднаквост од сцената на фестивалчето „Тра ла ла“ каде настапи неодамна.

Ваквата содржина на песната е неслучајна, бидејќи Лука има аутизам. Неговата мајка, Ирена Николовска Ристановска, која пишува поезија и преку стихови ги доловува предизвиците што ги носи аутизмот, па сега кога нејзиниот син успеа тоа да го направи преку песна, вели дека сѐ уште не може да си поверува.

Сумирајќи ги впечатоците од успешниот настап таа додава дека сѐ уште има импресии и целото музичко збиднување ѝ е како сон. Всушност, гледајќи дека Лука е музикален таа отсекогаш знаела дека тој ќе успее , но сметала дека тоа ќе биде по година-две.

Песната е со наслов ,,Како сите други” и е авторско дело на почитуваниот Кристијан Габровски – истакнува за ММС, Ирена.

Возбудено таа вели дека сѐ се случило спонтано откако пред неколку месеци сестричката на Лука, Јована која е неколку години помала од него настапила со своја детска песничка. Покрај честите тантруми и вознемирувања, таквата песничка на Јована внела доза восхит во секојдневието на Лука кој ја научил песничката наизуст, па тоа било доволно за родителите да го поттикнат и него на еден ваков „подвиг“.

Директорот на фестивалот и мојот сопруг работат на исто место, таму почна идејата да пее Јована. Одлучивме да не учествуваат двајцата на еден ист фестивал во исто време и место, бидејќи Јована за жал , често е тригер за тантруми кај Лука. Тоа значи дека детскиот говор сѐ уште му пречи и говознемирува, посебно му пречи плач или гласно смеење, а Јована е повеќе време од другите деца со него и не сакав да ризикуваме – раскажува Ирена.

Таа и нејзиниот сопруг испратиле аудио снимки кои лесно стигнале до Габровски и зеленото светло било дадено.

-Со сопругот споделивме дека сакаме содржината на песната да биде со акцент на „прифаќање на различноста, свесност за вредноста на сите луѓе поддеднакво, алутризам и емпатија”. Песната се снимаше во Битола и снимањето помина одлично снимањето, но уште подобро минаа и настапите, вкупно четири во еден ден – додава Ирена.

Животното искуство ги научило Ирена и нејзиниот сопруг дека не може секогаш да бидат спокојни и дека од некаде може да се појави непријатно изненадување па биле со прашалници дали Лука ќе го издржи целото музичко случување и што би можело да му запречи.

-Таму имаше светла, гласна музика..Едноставно имаше се што тој сака, но таквите работи се и меч со две острици, бидејќи лесно може да се вознемири од нив – објаснува Ирена.

Таа е среќна за тоа како реагирале другите учесници и нивните родители па објасни и како течел настапот.

„Имавме можност да избереме под кој реден број да настапи, за него имаше микрофон на сцена за насочено внимание, девојчињата во кореографијата го испратија до местото и повторно се приближуваа за заедно да се поклонат и заминат, од причина што сметавме дека е во ред да му олесниме во, и така преголемиот предизвик кој го совлада умешно“, вели гордата мајка.

Настапот на Лука бил едно ново доживување за целото семејство гледајќи како сите танцови групи во просторијата се отворени за едно ново искуство.

-Тој беше пресреќен, првпат го видов толку свесно среќен со поддршката од соучениците на сцена. Предходно тие му помогнаа на воннаставните активности да ја добие потребната самодоверба. Со наставничката и асистентот на часот по музичко  ја пееше песната, а тие беа ,,публика” која го бодреше со аплауз – вели Ирена, која и покрај многуте предрасуди и отфрлања кои ги имале досега, верува дека токму децата се најискрени и понекогаш и од нив треба да учиме лекции за емпатија.

-По првиот настап децата го прегрнуваа со балони, мечиња, дедомразовци кои му ги подарија на сцена ,честитка од наставничката и асистентот со прекрасна содржина која гласеше: ,,те сакаме многу”. Веднаш после првиот настап си отидовме дома, а Лука на сите мечиња им даде имиња и играше цел час со нив. Наредните два настапи поминаа исто одлично и на четвртиот главен настап беше најопуштен со рачињата кренати високо – ни раскажа Ирена.

Таа гордо вели дека овој пат бил поразличен од сите досегашни обиди за свеснот и прифаќање.

„Лука ја испрати пораката  со дело. Пееше за еднаквоста во множина истовремено застана на сцената  КАКО СИТЕ ДРУГИ и достоинствено ја отпеа“, додава гордата мајка.

 

Вања Мицевска

„Мамо, зошто бато уште не е оздравен“ – Солзите на Ирена од Битола, мајка на дете со аутизам, ќе бидат преточени во книга, да се види низ што поминуваат ваквите семејства