Празниците, а особено новогодишните, вообичаено се доживуваат како време за одмор, опуштање или остварување на долго одложувани средби.
Во периодот кога подаруваме, но и добиваме подароци, се подготвуваме за енергичен почеток на новогодишниот период кој за многумина носи уживање. Сепак, дел од луѓето ги дочекуваат празниците со доза на очај, разочарување, тага…емоции обединети под терминот „празнична депресија“. Како таа се манифестира и како може да ја надминеме, во овој претпразничен период разговараме со Ѓурѓица Нечева, докторант по психологија, ЕФТ практичар едуциран при единствената сертифицирана академија EFTMRA во Лондон.
Празничниот период за повеќето луѓе е симбол за опуштање, радост и забава, но низ него сепак се проткајува и таканаречената „празнична депресија“. Како психолог, може ли да ни кажете зошто доаѓа до такво нешто и како се манифестира?
-Новогодишните празници најчесто се поврзуваат со позитивни емоции, со долго исчекуваниот одмор, или можноста да поминеме време со саканите личности. Така некои луѓе се чувствуваат среќни и исполнети, полни со позитивни емоции и задоволни од постигнатиот успех во тековната година. Но никако не смееме да го занемариме фактот дека наспроти позитивните постојат и негативни емоции.
За многу луѓе празниците не се воопшто причина за радост, напротив, се јавуваат чувства на тага, осаменост, анксиозност, бес, лутина, безвредност дури и ирационалност. Овие чувства кога се јавуваат за време на празници велиме дека се последица на состојба која се нарекува „ празнична депресија“. Празничната депресија не е дијагностицирана ниту во еден медицински прирачик досега. Ова состојба некогаш се именува и како сезонско афективно расположение (сезонска депресија – која се јавува во есен или зима ) или реактивна депресија поврзана со конкретно случување, празник или доживување. Празничната депресија се манифестира со појава на тага, плачење, вознемиреност, потиштеност, промена во спиењето, зголемен или намален апетит, недостаток на задоволство од себе и од постигнатите успеси, ситуациска осаменост и социјална изолација.
Со оглед на тоа дека е период кога луѓето си разменуваат подароци, ги зачестуваат седенките во ресторани, некои организираат и патувања, дали крајот на годината создава и финансиски притисок кај луѓето, што дополнително им предизвикува стрес?
-Како и секој друг извор на стрес или вознемиреност, така и финансиските проблеми можат да имаат големо влијание врз нашето ментално или физичко здравје. Чувството на тага поради грижата поврзана со пари може негативно да се одрази на спиењето, самодовербата и нивото на енергија. Личност која наоѓа големо задоволство, среќа или радост во дружењето со пријателите или саканите, во патувања или се исполнува себеси подарувајќи, доколку наиде на отежната финансиска состојба за време на празничниот период ќе почувствува лутина, срам или страв. Може да бидат потикнати и расправии и тензии со најблиските луѓе, промени во расположението.
Кои се луѓето кај кој најчесто се јавува оваа депресија за време на празниците? Дали се тоа луѓе кои и онака се чувствуваат осамено, луѓе кои претрпеле некаква загуба или можеби се далеку од најблиските?
–Меѓучовечките односи се непредвидливи. Односно веќе успешно организирана вечера може да се претвори во вечера на конфликтни меѓучовечки односи, напнатост или стрес. Овие ситуации се почести за време на празниците, односно по неочекувана расправија со саканата личност, семејството или пријателите може да се пројави намалено расположение, тага па и социјална изолација или појава на празнична депресија. Ова би значело дека сите луѓе се изложени на појава на празнично депресивно расположение.
Кај лицата кои веќе се наоѓаат во анксиозна состојба или депресивна состојба, лицата кои се осамени, оние кои доживеале траума, загуба на драго лице, за време на празниците ризикот од појава на празнична депресија или јас би рекла дополнително влошување на состојбата во која се наоѓа лицето, е многу повисок.
Какви совети би упатиле до оние кои ја чувствуваат празничната депресија, што би можеле да направат барем на краток рок за да си помогнат?
– Многу е важно да се прави јасна дистинкција помеѓу празнична депресија и клиничка депресија. Клиничката депресија не претставува депресивно расположение туку е сериозна состојба, која како што веќе кажав може да го зголеми интензитетот за време на празниците. Празничната депресија е поврзана со празниците па еве неколку совети како истата да се намали:
- Пробајте да разговарате со некого за тоа како се чувствувате ( блиска личност) иако е можеби болно за вас, со цел да се ослободите од негативните емоции;
- Потсетувајте се на моменти симболички од минатото и споделувајте го тоа со другите;
- Користете ја ЕФТ техниката за заробени емоции на ниво на самопомош или со помош на психолог ( во мојата пракса се покажа како неверојатно успешна техника која ни помага да се ослободиме од сите заробени емоции дури и од оние кои се наоѓаат длабоко во нас и не сме ни свесни за нив);
- Размислете дали има мали работи од минатото кои за време на празниците ве усреќувале, а потоа земете лист хартија и пенкало и запишете ги;
- Пред да си легнете повторувајте си три убави мисли поврзани со празниците
- Релаксација и медитација
- Физичка активност ( физичката активност го забрзува работењето на срцето, а со тоа се намалува вишокот на негативна енергија);
- Намалете ги вашите очекувања и поставете си реални цели.
Што би ги советувале оние кои имаат близок кој се соочува со вакво нешто и што тие би можеле да направат за да му помогнат?
-Секако, блиските се извор на поддршка и разбирање. Личноста која се наоѓа во празнична депресија има потреба да биде разбрана и во никој случај осудувана. Блиските треба да се обидат да разговараат за да придонесат кон подобрување на состојбата на лицето, а притоа и да ја следат неговата состојба. Зошто? Затоа што празничната депресија со заминувањето на празниците треба да се намали до ниво да нема влијание на квалитетот на живот. Доколку не се намалува и го менува интензитетот блиските треба да го подржат лицето да побара помош од стручно лице.
Со оглед на тоа дека работите онлајн со Македонци од целиот свет, а имате клиенти и во Италија каде што всушност и живеете, кој е Вашиот впечаток за грижата на луѓето во однос на менталното здравје? Дали се надминува посетата на психолог како табу тема?
-Да, така е. Работам со Македонци кои живеат во Македонија, но и низ целиот свет. Со оние кои што живеат во Италија работиме со физичко присуство, со останатите онлајн.
Кога станува збор за грижата за менталното здравје можам да кажам дека свеста од важноста на истото е сѐ поголема, а со тоа секако и темата „посета на психолог“ не е веќе табу тема. Отвореноста на луѓето кон соработка со цел подобрување на своето ментално здравје е во значителен раст. Тоа ми се потврдува секојдневно при работа со ЕФТ техниката или техника за ослободување од заробени емоции. Зошто? Затоа што иако некои од моите клиенти се соочуваат за првпат со ЕФТ третман тие се отворени за соработка, а потоа истиот сакаат да биде вметнат во целосното исцелување на душата.
Вања Мицевска