Филмот има и храброст да биде смел – Што вели италијанскиот печат за „Кајмак“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/21/22 11:07 AM

Филмот има и храброст да биде смел – Што вели италијанскиот печат за „Кајмак“

Со најновиот филм „Кајмак“, режисерот Милчо Манчевски ѝ пристапува на филмската леснотија без да ги напушти принципите на своите најпосветени филмови.

Во „Кајмак“ има попрефинет развој, поистакнат избор на теми и присуство на особен режисерски глас, што го прави покомплексен филм, отколку едноставна комедија. Филмот има и храброст да биде смел, се вели во рецензијата која неодамна беше објавена во италијанско филмско списание „ОДГ Магазин“.

Во рецензијата меѓу другото се оценува дека филмот се истакнува по непредвидливоста на заплетот.

-„Кајмак“ е повеќе заинтересиран за последиците меѓу врските отколку за болноста на еротската активност. Така, конфликтот е помеѓу јавнaта пристојност и приватната психофизичка благосостојба во врската. Манчевски не ги цени жанровските ограничувања и затоа „Кајмак“ не треба да се смета за комедија – и покрај тоа што има експлицитна комична нишка – но ниту за драмедија, како што може да навести неговиот шокантен и горчлив крај, се наведува во рецензијата.

Манчевски во интервјуто за овој магазин, што беше објавено во недела, посочи дека голем дел од филмот е инспириран од вистинска приказна – и тоа е делот од филмот што е најневеројатен и највознемирувачки.

-Се чини дека денес има повеќе догми во полн ек, кои диктираат што и како може да кажеш, отколку во кое било време по Мекарти и Сталин. Како дел на истата парадигма, често сме сведоци на следново: предметот, темата или каузата се меша со самото дело. Овој пристап, кој често е многу насилен, се чини дека ја игнорира едноставната вистина – може да направиш лош филм за вредна кауза, но добар филм е добар филм, без оглед на темата, вели Манчевски.

„Кајмак“ на Милчо Манчевски ќе се прикажува од 23 до 29 декември во Кинотека. На 23 декември на проекцијата ќе присуствува и режисерот Манчевски со кого потоа за филмот ќе зборува филмологот д-р Атанас Чупоски.