Повеќе од два месеца поминале додека младата мајка Марија Спасовска да го види и да го земе в раце своето дете.
По неочекуваното предвремено породување, во домот на семејството Спасовски немало насмевка додека малиот јунак Војдан се борел за живот во болничкиот инкубатор. Неколку месеци подоцна родителите почнале да го носат на физикални терапии, при што е утврдено дека тој има церебрална парализа. Терапиите во Скопје не дале ефект, па лекувањето продолжило во Загреб. Трошоците за ова семејство се превисоки, па сега се на потег хуманите граѓани, до кои со денови се шири апел за помош.
Животната приказна на Војдан е инспиративна, но нималку лесна, а неа за Македонски медиа сервис ја раскажа мајката Марија.
На почетокот на оваа година македонските граѓани уште еднаш ја покажаа својата хуманост и преку донации обезбедија средства за едногодишно лекување на Војдан Спасовски во Загреб. Малото момче кое наскоро ќе полни две години има церебрална парализа и тешко го фокусира погледот, но благодарение на терапиите тој е вешт да им каже на неговите родители дека ги сака, за кои пак е бесценето да ги слушаат зборовите „мама“ и „тато“.
Собраните средства веќе се исцрпуваат, но не и потребата од продолжување на лекувањето надвор од Македонија. Затоа, родителите Марија и Бојан и нивните блиски повторно го шират апелот за помош, а додека се во Загреб, Марија ни раскажа како почнала тешката битка.
„Мојата бременост беше сосема нормална и уредна, на почетокот имав инфекција но тоа го надминав и сѐ си беше како што треба. Породувањето ми се случи буквално преку ноќ, јас не ни имав физичка активност за да ми пукне водењакот“, вели Марија Спасовска (26).
Таа и нејзиниот сакан Бојан имале закажано свршувачка за 20-ти јануари, но плодот на нивната љубов имал друг „план“, па дошол на свет порано односно еден ден пред свршувачката. Мајката можела да го види својот син единец вкупно десет минути во првите два дена по неговото раѓање. До нивното следно видување поминале повеќе од 60 дена, кои за семејството биле вистински кошмар, далеку од новиот член со кој семејството станало побогато.
„Војдан е мојот син единец, сега во јануари ќе полни две годинки. За него има апел за помош, бидејќи Војдан е предвреме родено детенце. Се породив во седмиот месец, па бебето беше 71 ден во инкубатор, по што го пуштија дома. Не сакам да се навраќам на тие денови, потешко за една мајка нема. Кога одев во болница не ми беше дозволено ни да го земам, немав право ни да го видам кога беше во инкубатор. Првото наше гледање беше на 65-от ден. Кога ме пуштија од болница тој остана таму и после 65 дена првпат го видов и го земав во раце“, раскажува Марија.
Загреб како привремен дом за семејството Спасовски
На само тримесечна возраст, Војдан почнал со физикални терапии, но неговите родители забележале дека за жал, нема подобрување. До ваков заклучок дошол и педијатарот, кој ги советувал да се обидат со терапии во Бугарија или во Хрватска. На крај изборот сепак паднал на Хрватска, а првите ефекти ги воочиле уште на првата контрола.
„Ние дојдовме првпат на 6-ти декември, а веќе во јануари на контрола видовме преголема разлика. Војдан беше многу затегнат, почна да следи со погледот, не да фокусира целосно, но имаше големо подобрување, беше поопуштен во мускулатурата. Сега доаѓаме секој месец по една недела и тука посетуваме дефектолог, невролог, очен лекар, физијатар, кардиолог. Тој кога се роди имаше шум на срце, но на четвртиот месец од раѓањето тоа се затвори. Мораме редовно да правиме кардиолошки контроли бидејќи неговата терапија е малку поагресивна метода“, објаснува младата мајка.
Трошоците за лекувањето се многу повисоки од она што семејството може да си го дозволи. Покрај тоа, тука се и трошоците за сместување и превоз, а колку ќе трае целиот процес засега никој не знае.
„Болницата е прескапа, а одиме три пати дневно на третмани. Ние сме едни од првите од Македонија што доаѓаат тука. Нашиот проблем беше сериозен и ни препорачаа да доаѓаме на четири недели“, истакнува Марија.
„Не се знае до каде тоа ќе оди и дали ќе застане Војдан на нозе. Ние како родители си даваме утеха дека тој е ментално стабилен, разбира сѐ, веќе почнува да зборува и ние се надеваме дека еден ден ќе бидеме многу среќни, а и тој со нас“, оптимистично вели Марија. Професионалците во Загреб паралелно ја обучуваат и неа за време на терапиите за да може и таа да вежба дома со детето. Посетата на лекарите сепак не завршува со доаѓањето во Скопје, каде Војдан продолжува со бројни контроли.
„Со сопругот сме и двајцата тука, тој е во работен однос, но дозволено му е да отсуствува и тој доаѓа со нас, значи сите тројца сме тука. Ние претходно го носевме детето во Босна на дефектолошки третмани со сензорна интеграција, а одиме на чести контроли и во Македонија. Посетуваме невролог и паралелно одиме на бовен терапии (алтернативна медицина) еднаш неделно“, додава Марија.
Хуманите граѓани на потег за посреќно детство на малиот борец
„Лани кога отворивме броеви за донации, значи првиот пат, се собраа точно средства за цела година. Сега тоа оди многу поспоро, дали затоа што има и криза, или е втор ваков апел, не знам. Што да кажам, кој колку може нека ни помогне, за нас секоја помош е добредојдена. Сега во Македонија ќе се вратиме во сабота и одиме повторно на 30-ти јануари, а роденден му е на 19-ти“, истакнува мајката на Војдан кој поради терапиите морал првиот роденден да го прослави во Загреб далеку од дома.
Во меѓувреме, неговите родители веќе размислуваат за прославувањето на вториот роденден на кој тие ќе посакаат само едно нешто – на Војдан да му биде подобро.
За ова дете, неговата мајка вели дека не ја симнува насмевката од лице.
„Тој е многу позитивен, цело време е насмеан. Плаче само кога вежба, јас не знам како е да плаче дете, зборува, премногу е позитивен, сака да шета, сака кучиња, сега се радува дома на елката, на сијаличките“, вели Марија.
Целата своја сила вели дека ја црпи од храброста на својот син и нема да престане да се бори додека тој не застане на нозе. Сепак според неа, на мајките кои и невозможното го прават возможно за своите деца, Господ им дава голема сила.
„На мајките Господ им дава сила за да го издржат овој пат. Мене ми почина братче на 14 години и се помирив, реков така требало да биде, но со ова нема да се помирам никогаш. Војдан ми дава сила, јас паднав психички, но поради него се кренав и реков јас му требам на него и морам да сум силна. По породувањето кај нас имаше само солзи бидејќи ништо уште не се знаеше. Додека не го пуштија дома, на нашите лица немаше насмевка. Ни внесе најголема радост во домот и не се споредува со ниту една друга среќа доаѓањето на нов член во домот“, искрена е Марија.
Таа и нејзиниот сопруг сепак финансиски не се во можност да го покријат лекувањето, поради што имаат голема надеж во хуманоста на граѓаните. Социјалните мрежи исто како и пред една година, сега се преплавени со апелот за помош за да може животниот тек на Војдан да продолжи на подобро бидејќи како што велат Спасовски дури и нечија мала помош, за него може да биде цел свет!
Покрај на наведените телефонски броеви, сите кои сакаат може да донираат и на овој линк
Вања Мицевска
Фото: Приватна архива (фотографиите се објавени со дозвола од родителите)