Традиционалниот новогодишен гала концерт „Исток“ во Македонската филхармонија – ММС
ММС

Објавено на: 12/19/22 9:13 AM

Традиционалниот новогодишен гала концерт „Исток“ во Македонската филхармонија

Во четврток, во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи традиционалниот новогодишен гала концерт насловен „Исток“ (арх.-извор).

Диригент е Миријан Кукунаишвили (Грузија), а како солисти ќе настапат сопранистката Милена Арсовска (Македонија/Австрија) и баритонот Иван Наумовски (Македонија/Австрија).

На програмата се дела кои имаат типично „новогодишен“ концепт, а валцерот како музичка форма ќе биде составен дел од овој концерт. Публиката ќе има моженост да чуе дела од Штраус, Чајковски, Лехар, Лумбије, но и посовремени музички толкувања на темата валцер како „Валцерот на Амелија“ на Јан Тирсен од филмот „Чудесната судбина на Амели Пулен“, „ Маскарада валс“ на Арам Хачатуријан, „Валцер за збогување“ на Алфред Шнитке и други.

Откако дипломирал на Државниот конзерваториум во Тбилиси, маестро Миријан Кукунаишвилиги завршил и магистерските студии по оркестарско диригирање на Академијата за музика во Краков, Полска, каде што моментно е на докторски студии. Често посетува мастеркласи кај познати диригенти и е добитник на голем број престижни стипендии во Грузија. Редовно добива покани да диригира на грузиските национални фестивали и, секако, активен е како диригент и со Државната опера и балет на Грузија, Националната филхармонија, Државниот симфониски оркестар на Тбилиси, Грузискиот државен камерен оркестар „Синфониета“, оркестарот на Академијата „Бетовен“ во Полска, Грузискиот национален хор… Во 2016 и 2017 година беше шеф-диригент на Студентскиот оркестар на Тбилиси.

Сопранот Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломира соло- пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. За време на студиите, Арсовска се усовршува и посетува мастер-часови кај познатите Мариела Девија, Красимира Стојанова, Клаудија Виска и Илко Начев. Добитничка е на бројни награди и признанија, меѓу кои и првата награда на Интернационалниот натпревар за пеење во Битола, втора награда на Натпреварот за оперета “Нико Достал” во Виена , добитник е на стипендија од Хедерстипендиум и ја освои втората награда на ОЕЈАБ – музички натпревар во Виена. Таа беше финалист на престижниот натпревар за пеење Лејла Генцер во Инстанбул и на натпреварот Хајнрих Стрекер во Баден до Виена. Милена Арсовска дебитира во Македонската опера и балет каде што настапува во продукциите на оперите „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“, „Италијанка во Алжир“, „Рита“… Виенското деби, пак, во Театарот во Виена доаѓа во 2010 година со настап во оперетата „Лилјакот“, и “Суор Ангелика” а понатаму настапува во театрите во Магдебург, Националниот театар во Вајмар, Националната опера во Прага и Острава како и на повеќе реномирани фестивали.

Нејзиниот репертоар ги вклучува и улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“ и Евридика во „Орфеј во подземјето“, Блонда во „Грабнување од сарајот“, Церлина во „Дон Џовани… Соработува со реномирани диригенти меѓу кои Кирил Петренко, Рани Калдерон, Јан Латам-Кениг, Корнелиус Мајстер, Кирил Карабитс, Даниел Раискин, Јерухам Шаровски, Мајкл Балке и Ервин Ортнер. Нејзините снимени изданија, пак, ја вклучуваат живата снимка на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена, а нејзиниот глас е искористен и во музиката за македонските филмови „Големата вода“ и „Војната заврши“.

Македонскиот бас баритон м-р Иван Наумовски ги завршува своите дипломски студии по вокално пеење на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, Македонија во класата на проф. м-р Марија Муратовска со највисоки почести cumlaude (2013). Три години подицна магистрира со највисоки почести Auszeichnung во одделот Musiktheater на државниот Универзитет во Грац, во класата на проф. Том Сол и маестро Франк Крамер. 2021-вата година магистрира во областа Lied und Oratorio на државниот Универзитет во Виена (MDW) во класата на проф. Карлхајнц Ханзер, проф. Габриеле Фонтана и Проф. Ангелика Кирхшлагер, и се здобива со уште една титула Master of Arts во областа на уметничката песна и ораториумот. Како студент е освојувач на три натпревари, во Македонија, Црна Гора и Косово, како и учесник и финалист на многу други. Во текот на неговата кариера бележи многубројни настапи во Македонија со оркестарот на Македонската Опера и Балет (МОБ) и Македонската Филхармонија. Со соло рецитали и концерти тој редовно настапува на македонските фестивали како што се “Охридско лето”, “Скопско лето”, “ДММ”, “Интерфест”, “Mајски оперски вечери” и “Есенски музички свечености”. Во универзитетските продукции во Грац настапува со соло улога во оперите “Дон Џовани“, “Вива ла мама“ и “Волшебната флејта”. Покрај Грац, тој настапува на многу други концерти ширум градовите во Австрија (Вергл, Виена, Грац, Велс, Вајц, Инсбрук, Швајгерс, Ахенкирх и др.). Оперското деби го остварува во операта во Грац со улогата на Викомте Каскада во оперетата “Die Lustige Witwe”, каде соработува со реномираниот режисер Оливие Тамбози.

Во продолжение во истата оперска куќа ја толкува главната улога на австриската премиера на современата опера од Елизабет Наске “Der Wuschpunsch”, проектите “Росини за деца”, концертот на оперското студио, и настапува како дел од нивниот ансамбл на натпреварот за режисери “Ring Awards” во улогата на Малатеста. Добитник е на повеќе стипендии, од кои најеминентни се стипендиите “Best of south East” и “AIMS” во Австрија, кои му носат многубројни настапи, меѓу кои и настапот во грацкиот Musikverein, Minoriten Saal и Kasematten арената. Во 2015-тата година му е врачена престижната македонска награда “Виртуози” доделена од СОКОМ за најдобар млад уметник во Македонија. 2016-та дебитира во МОБ на отворањето на “Мајските оперски вечери” со главната улога во истоимената опера “Евгениј Онегин”. 2017-та ја завршува пред домашната публика со новогодишниот вечерен концерт во Македонската Филхармонија под диригентската палка на маестро Јерухам Шаровски. Во 2022 година оддржува рецитал со уметнички песни во Скопје и ја дели сцената во Виена со еден од најпознатите баритони на сите времиња Лео Нучи. Од октомври 2022  година Наумовски работи како доцент на ФМУ по соло пеење.