Учебниците едвај стасаа и веднаш скандал! Кој е виновен за пропустите во учебникот по Историја и општество? – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/22 1:13 PM

Учебниците едвај стасаа и веднаш скандал! Кој е виновен за пропустите во учебникот по Историја и општество?

Министерството за образование и наука и Педагошката служба почнаа процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за петто одделение во кој, како што се наведува, се констатирани низа грешки и нелогичности, кои секако, не смееја да се дозволат.

-Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување, се вели во соопштението од Министерството за образование и наука.

Според ресорното министерство, во време кога во Северна Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти. Сепак, како што се наведува, учебниците се една од основите за квалитетен воспитно-образовен процес.

-Потребен е максимален ангажман и одговорност од сите чинители кои учествуваат во процесот за градење на поквалитетен образовен систем во интерес на сегашните и идните генерации, а со тоа и во интерес на државата. Упатуваме апел до сите автори и рецензенти кои во иднина ќе учествуваат во постапки за изработка на учебници и наставни помагала, како и до Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници, да ја подигнат личната одговорност и посветеност, затоа што во овие прилично комплексни процеси, тоа од нив единствено и се очекува, стои во соопштението од МОН.