Владата ја разреши директорката на Пазарната инспекција – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/22 8:57 PM

Владата ја разреши директорката на Пазарната инспекција

Анета Симеска Димоска е разрешена од функцијата директорка на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и на нејзино место Владата го назначи Горан Трајковски. Во соопштението од попладневната владина седница нема информација зошто е разрешена досегашната директорка.

Трајковски, кој е назначен за нов в.д директор на ДПИ доаѓа од приватниот сектор. Во информацијата за директорската промена пишува дека  Горан Трајковски е дипломиран економист и магистер по економски науки, со менаџерска позиција во приватниот сектор.
-Неговата експертиза е во областа на сметководството и финансиите, со менаџерско искуство во раководење на компанија која има регионално присуство на пазарот. Во своето повеќегодишно искуство остварува соработка со регионот и повеќе европски земји, обезбедувајќи нови пласмани и развој за матичната компанија, стои во информацијата од Владата.

Анета Симеска Димоска во мај 2021 година дојде на местото на разрешениот Стојко Пауновски. Иако во јавноста Пауновски беше познат по решителните акциски контроли, Владата го разреши  поради, како што соопшти тогаш Владата, непрофесионално однесување. Пауновски се спротивстави на преземањето на триесетина административци, кои немаа работни обврски поради тоа што биле нестручни.