45 години Рударско-геолошкиот факултет креира кадри- врвни професионалци и научници – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/22 5:08 PM

45 години Рударско-геолошкиот факултет креира кадри- врвни професионалци и научници

„Дали во своето 45 годишно постоење, Рударско-геолошкиот факултет, го оправда своето постоење, треба да се праша стопанството, но јас одговорно тврдам дека овој факултет 45 години е рбетот на секој процес што е поврзан со индустријата во Македонија. Без рударство нема ништо, без примена на рударството неможе да функционира ништо. Производството на метали и неметали, производството буквално на се што го користиме во секојдневието е поврзано е поврзано со овој сегмент кој во последните години е ставен во сива зона,“ изјави деканот на Рударско -геолошкиот факултет проф д-р Ѓорѓи Димов, кој од денес добива и ново име-Факултет за природни и технички науки на денешното одбележување на 45 годишниот јубилеј на овој факултет, единствен од ваков вид во државата.

Досега на овој факултет кој е најстар во рамките на Универзитетот Гоце Делчев, се запишани над 5000 студенти.

„ За жал  за сите природно-технички насоки па и кај нас интересот не е многу голем како што бил низ годините, веројатно и поради конкуренцијата и изборот што се нуди. Сепак сме задоволни од бројот а посебно од квалитетот на студентите што доаѓаат. Со нив можеме да работиме, да соработуваме, да ги спроведуваме нашите студентски програми како формално така и неформално поврзани со теренски истражувања, меѓународна соработка,“ вели Димов.

Како минуваа годините, се менуваше и факултетот. Сега се функционира во малку изменет состав, со неколку нови студиски програми, со многу нов кадар со проширени содржини за втор и трет циклус на студии

„Од таму се наметна и потребата за менување на  на името во факултет за природни и технички науки. Освен што сега се изучува рударството и геологијата , многу битни содржини се инженерството за заштита на животната средина којшто е на ниво на еден модерен инженерски програм. Исто така имаме акредитирани студии за индустриска логистика, за дизајн на мебел и ентериер како и за пејсажна архитектура, “ додава Димов.

Иднината на овој факултет, вели деканот е во вмрежувњето во земјава и во странство.

„Да правиме заеднички студиски програми, заедно да настапуваме пред студентите од регионот. Освен домашни студенти, да имаме студенти и од регионот. Тие да го видат нашето искуство, а нашите студенти да го видат нивното,“смета Димов.

Според ректорот на УГД, Дејан Мираковски кој и самиот е кадар на оваа институција, развојот на ФПТН се движи во добар правец. Низ годините од тука излегле врвни професионалци, врвни научници од својата област, многу од нив раководат со големи фирми.