Собранието на денешната седница не го усвои предлогот на дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка да се носи предлог-законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк. Со овој предлог, пратениците бараат износот на субвенција за студентскиот оброк да се зголеми од 120 на 160 денари.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски рече дека тие нудат конкретно решение, и оти средства во Буџетот има. Тој ги повика пратениците веднаш да ја изгласаат потребата преку собраниските комисии да се изгласа законско решение со кое до крајот на годината наместо 120, студентите ќе добијат 160 денари за студентски оброк.
– Скоро еден месец подоцна од театрите во Собранието, нема скоро ништо од она што го ветуваа дека ќе се исполни. Што добија студентите еден месец подоцна? Не ги лажете луѓето, децата не ги носете по увиди, станете сериозни и почнете да прифаќате законски решенија со кои ќе им помогнете на студентите, рече Стојановски.
Собранието на денешната седница ја утврди потребата по скратена постапка да се донесат неколку закони предложени од Владата, меѓу кои законите за извршување на буџетот за 2023 и предлог-законот за дополнување на законот за концесии и јавно-приватно партнерство и ги задолжи матичните комисии да расправаат по предлозите.
На седницата, Собранието усвои по скратена постапка да се носат и предлог-законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Финансискиот договор за заем на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје за мали и средни претпријатија, средно пазарно капитализирани претпријатија и зелена транзиција, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход, на Законот за данокот на добивка, на Законот за данокот на додадена вредност, и предлог-законот за дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија…
Собранието, не ги усвои ниту предлозите на дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ по скратена постапка да се носат предлог-законите за дополнување на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица и за дополнување и изменување на Законот за данокот на додадена вредност.