Скопје мрачно и тажно, а Крива Паланка живее новогодишна бајка – Градот украсен светски, а Општината не потроши ниту денар – ММС
ММС

Објавено на: 12/13/22 11:57 AM

Скопје мрачно и тажно, а Крива Паланка живее новогодишна бајка – Градот украсен светски, а Општината не потроши ниту денар

Во Крива Паланка, кога станува збор за среќа на жителите, не постои политика. Минатата година важеше за најубаво украсен град, а она што годинава се подготвува е да ги надмине и минатогодишните убавини.

Додека Скопје спие Крива Паланка  испишува уште една новогодишна бајка и годинава несомнено е  дека ќе биде најубаво новогодишно украсен град во Македонија.  Тоа го покажуваат и фотографиите кои ги објави општината, а на  кои Крива Паланка личи како светски град.

 

ММС се обрати до градоналчалникот за да праша за време на криза колку пари ќе ја чини градската каса ова задоволство, а градоначалникот Сашко Митовски вели-ништо!

-Општинската  каса не ја чини ништо. Сите пари за украсувањето се обезбедени преку спонзорство од домашни и странски фири. Кога велам странски, мислам на фирми на наши иселеници кои потекнуваат од Крива Паланка и околината, а голем дел од нив за Нова Година си доаѓаат дома.

Така беше лани, кога им се допадна како беше накитен градот, ми рекоа дека се презадоволни и дека следната година би сакале и тие да учествуваат во украсувањето. И си го одржаа зборот. Затоа оваа година е уште поубаво украсено од лани. Украсувањето чини вкупно 12.000 евра, без да се потроши ниту денар од градската каса. Цел град е украсен, не само плоштадот. Има поубава и поголема елка, има куќички за греано вино, кафе, чај, колбаси, мекици, новогодишни украси и се што е потребно за забава, вели Митовски .

Дека Крива Паланка ќе биде најатрактивен град за предновогодишната забава покажува и фактот дека планирани се и предновогодишни концерти.

-Ќе има гостување на музички ѕвезди. За разлика од Скопје во Крива Паланка ќе дојде Дедо Мраз за радост на најмалите. Комплетниот список за сите забави,  кој се ќе учествува се уште не е готов. Сакам да ги направам среќни граѓаните. Доаѓаат во Скопје и велат колку било мрачно и тажно и навистина ми е желба да уживаме сите заедно. Ако тие се среќни и јас сум, додава тој.

Митовски вели дека поттик повеќе за убаво украсување и годинава му било и тоа што лани Крива Паланка токму поради тоа го посетиле многу гости од други градови во државата.

-На мое изненадување минатата година имаше многу гости од другите градови да се сликаат во Крива Паланка. Оваа година уште не беше украсено прашуваа дали ќе украсуваме. Значи има најава за многу повеќе гости од другите градови што навистина ми е драго. Ни недостасува само уште снег, но се надевам дека ќе го има за да Крива Паланка и сите што ќе дојдат уживаат во вистинска предновогодишна атмосфера, која после се на сите нас ни недостасува, вели градоначалникот Митовски.

(В.М.)