За плата, учебници, проекти, образование… Буџет од 450 милиони евра за МОН во 2023 година – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/22 2:09 PM

За плата, учебници, проекти, образование… Буџет од 450 милиони евра за МОН во 2023 година

Над 450 милиони евра се предвидени за финансирање и развој на образованието и науката во 2023 година, а тоа е за 8,4% повеќе во однос на средствата што ќе се потрошат до крајот на тековната година. Со тоа, потврдуваме дека и во услови на економска и енергетска криза во подем, како и се’ уште активна здравствена криза, образованието е високопозиционирано во агендата на Владата и одлучни сме да се посветиме на неговиот развој, наместо на обезбедување само оптимална функција на националниот образовен систем.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната прес конференција во Владата, на која беше презентиран и образложен буџетот на Министерството за образование и наука за следната календарска година.

Шаќири истака дека средствата се доволни за да продоложат промените за интегрирање на нашето образование во европскиот образовен простор.

„Ги опфаќаме сите аспекти низ кои и досега делувавме – образовна инфраструктура, наставни програми и учебници, мотивација на наставници преку раст на плати и континуирана обука, стипендии и субвенции за учениците и студентите да се заложуваат што повеќе во учењето и поддршка на високообразовните и научните установи“, потенцираше министерот.

Најголем дел од буџетот, посочи Шаќири, вообичаено се трансферира до единиците на локалните самоуправи, заради функционирање на основните и средните училишта. Вкупно 313 милиони евра ќе се префрлат на општините, што е зголемување од 12,1%, односно за 34 милиони евра во однос на блок дотациите кои ги исплаќаме годинава.

„Буџетот за плати во образованието ќе изнесува 68 милиони евра. Тој е за 9,2%, односно за 6 милиони евра поголем во однос на 2022. Ова зголемување се должи на порастот на платите по повеќе основи – усогласување со минималната плата која годинава беше зголемена за 2.800 денари, предвиденото ново зголемување на минималната плата во 2023 година, зголемувањето на платите по основ на примена на колективните договори во основното и средното образование, преговорите помеѓу МОН и СОНК преку кои се постигна согласност за покачување од 15%, како и поради  зголемувањето на платите во високото образование согласно потпишаниот колективен договор“, рече Шаќири, додавајќи дека ставката за плати е зголемена и поради намерата за подигнување на инклузивноста на образовниот систем, за што е предвидено ангажирање на дополнителен број на образовни асистенти за учениците со попреченост во основните училишта.

Инвестициите во образовната инфраструктура ќе продолжат со зголемен интензитет. Шаќири рече дека за оваа намена во 2023та, предвидени 18,3 милиони евра, што е за 8,9% повеќе средства од годинава.

За ученичкиот и студентскиот стандард ќе се одвојат 19,5 милиони евра. Тоа се средства за исплата на стипендии, вклучително и сите нови категории кои МОН ги воведува за прв пат оваа година, за партиципации за ученички и студентски домови, како и за други субвенции како што е субвенционираниот студентски оброк, кој до март ќе се исплаќа согласно досегашните услови, а потоа ќе се воведе ново системско решение кое ќе биде усогласено со претставниците на студентските организации.

„Третманот на учениците и студентите продолжува да биде искрен, партнерски и имаме намера младите целосно да ги поддржиме, да ја стимулираме нивната креативност, да ги поддржиме нивните идеи, да ги задоволиме нивните потреби за финансиска поддршка при учењето, а заради нивно задржување и остварување на личните потенцијали во својата земја“, нагласи Шаќири.