Потпретседателката на Европскиот парламент и европратеничка од грчката ПАСОК- Движење на промена Ева Каили веројатно е вмешана во скандалот со корупција и е под истрага на белгиските власти, а со одлуката на претседателот беше исклучена од партијата, јави дописничката на МИА од Атина.
– По последните случувања и истрагата на белгиските власти за корупција на европски функционери, европратеничката Ева Каили со одлука на претседателот на ПАСОК- Движење на промена Никос Андрулакис е исклучена од партијата, соопштија од ПАСОК- Движење на промена.
Во дел од европските медиуми, вечерва се појави информација дека Каили е уапсена, меѓутоа не постои официјална потврда, додека пак грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на свои информации објави дека е под истрага на белгиската федерална полиција „за вмешаност во случајот со корупцискиот скандал во Европскиот парламент од арапска земја, поконкретно од Катар“.
Според истите информации, од Каили биле побарани објаснувања, а според медиумите во Белгија најверојатно е приведен нејзиниот сопруг Франческо Џорџи.
Како што претходно објави МИА, четири лица, меѓу кои и поранешен пратеник во Европскиот парламент, се уапсени во Брисел како дел од истрага за корупција поврзана со земја од Персискиот Залив, соопшти белгиското федерално обвинителство.
Државното правобранителство не ја именуваше државата, но според белгискиот дневен весник „Ле Соар“ станува збор за државата Катар чии функционери наводно се обиделе да купат поранешен претставник на италијанските социјалисти, кој бил во ЕП од 2004 до 2019 година.
Истрагата опфатила дејствија „корупција“ и „перење пари“ на организирана банда, соопшти истрагата. Неколку месеци, белгиските истражни судии „се сомневаа дека една држава од Персискиот Залив влијаела врз економските и политичките одлуки на Европскиот парламент, со плаќање суми на пари или нудење големи подароци на трети лица кои, поради нивната политичка и/или стратешка положба, имаат големо значење“ во таа институција.
Сојузното државно правобранителство, кое е задолжено за истраги за тероризам и организиран криминал, не го откри идентитетот на приведените лица. Утринава во рамките на истрагата што ја нареди судија од Брисел, извршени се 16 рации во различни општини на главниот град на Белгија, каде се наоѓа и седиштето на ЕП.
Покрај четворицата уапсени, во рамките на истрагата полицијата запленила „околу 600.000 евра во кеш“ и „компјутерски материјал и мобилни телефони“ чија содржина ќе се анализира. Цел на операцијата биле помошниците на европратениците кои работат во ЕП. Меѓу уапсените е и поранешен европратеник, соопшти државното правобранителство.
Greek MEP Eva Kaili has been arrested by Belgian police as part of an investigation into lobbying by #Qatar in the European Parliament.
During last month’s plenary, Kaili delivered a highly rosy speech about Qatar and attacked its critics in Europe. Watch ⬇️ pic.twitter.com/37D0sMch4E
— Jorge Liboreiro (@JorgeLiboreiro) December 10, 2022
Српскиот портал Данас пренесува дека набргу по нејзиното апсење, се појавило видео од говорот на Каила во кој таа го пофали нивото на човековите права во Катар.
Грчката политичарка Ева Каили е пратеник во Европскиот парламент од 2014 година, а на 18 јануари годинава била избрана за еден од четиринаесетте потпретседатели на Европскиот парламент.
Родена е на 26 октомври 1978 година во Солун. Татко и Александрос е претседател на регионалната влада на централна Македонија, а мајка и Марија е по потекло од Мала Азија.
Каили студирала на Политехничкиот универзитет Аристотел во Солун за архитект инженер. Магистрирала на Универзитетот во Пиреја, на меѓународни и европски студии. Таа е и докторант по политичка економија за практични одговори на кризата. Се запишала на економски курс на Харвард и студирала на Грчката школа за новинарство.
Пред нејзината политичка кариера, Каили била добро позната водителка на вести на Мега Канал од 2004 до 2007 година. Таа била и консултант за комуникациска стратегија и јавни и надворешни работи на грчките фармацевтски компании и една од најголемите медиумски групи во 2012-2014 година.
Таа се приклучила на младите на ПАСОК во 1992 година. Станала претседател на Асоцијацијата на студенти на Архитектонскиот факултет во 2001 година, а една година подоцна веќе била најмладиот член избран во Градскиот совет на Солун.
Покрај многуте функции што ги имала таа била и првата жена на Телото за проценка на научни и технолошки опции на Европскиот парламент (СТОА), претседател на Центарот за вештачка интелигенција (Ц4АИ) и претседател на Делегацијата за односи со Парламентарното собрание на НАТО ( ДНАТ) 2014-2019.
Таа работеше во Комисијата за индустрија, истражување и енергетика (ИТРЕ), Комисијата за економски и монетарни прашања (ЕКОН) и Комисијата за вработување и социјални прашања (ЕМПЛ). Таа е алтернативен член во Комисијата за буџет (БУДГ) и Делегацијата за односи со Арапскиот Полуостров (ДАРП).
Покрај функциите, таа е и член на групата на Европскиот парламент за борба против ракот, групата на Европскиот парламент за лица со попреченост, Делегацијата во Парламентарниот комитет за соработка ЕУ-Русија и Делегацијата за односи со САД.
Извор: МИА/Данас
Фото: Твитер видео принтскрин