Приватните автобуски превозници и денеска продолжуваат со блокада на сообраќајот во Скопје, но, според најавите, од 10 часот изутринава нивни автобуси ќе има само на бул. „Илинден“, а ќе ги ослободат за движење крстосниците кај ТЦ „Мавровка“ и Црвен крст. Со паркирани околу 200 автобуси на овие три сообраќајни точки превозниците од понеделникот поставија блокади барајќи исплата на долгот од Град Скопје и ЈСП.
Превозниците вчера на координативен состанок одлучија од 10 часот да ги дислоцираат автобусите од кај „Мавровка“ и Црвен крст и да се упатат на бул. „Илинден“, на потегот од зад Владата кон Карпош до „Алумина“. Причина за деблокадите, како што велат, е да се направи поголем притисок на Град Скопје за да им се исплати долгот.
– Имавме координација со кооединативното тело на приватните превозници. После вчерашната прес-конференција во Градот Скопје, еден таков дебакл, една таква срамота што е направена, се повеќе излегуваат на виделина аргументите кој е главниот виновник за состојбава, кој е главниот виновник што граѓаните на Град Скопје ни криви, ни должни мораат да го трпат сето ова, која е главниот виновник што не сме исплатени, кој е главниот виновник за хаосот во сообраќајот. Тоа е директно градската управа, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. Се повеќе нашиот револт се насочува и се фокусира кон управата на Град Скопје, изјави вчера Ќемал Муриќ од „Слобода превоз“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побараат повторно средба со градските власти, Муриќ рече дека Арсовска нема намера да разговара со нив, бидејќи, како што посочи, ги нема аргументите. Најави дека ќе бараат помош директно и од премиерот Димитар Ковачевски.
– Колку пати веќе баравме средба со градоначалничката на Град Скопје. Колку пати вие медиумите ја чекавте да ви даде изјава. Таа нема намера да разговара ниту со вас, ни со нас бидејќи ги нема аргументите. Да ги имаше аргументите и да беше во право многу, многу одамна ќе излезеше и ќе се разјаснеа работите. Ќе бараме помош од сите засегнати институции, од повисоките инстанции на власта. Ќе бараме помош директно од премиерот на Република Македонија затоа што тој е премиер на сите граѓани, а ние сме дел од тие граѓани. Засегнати сме директно и бараме помош, медијација, каква било форма ќе бараме и од него, рече тој.
Возач, кој оваа дејност ја извршува веќе 33 години, вчера на протестот рече дека му должат околу шест илјади евра.
– Јас со една смена шест илјади, имаме колеги што се по 10 смени, по 11 смени, тука се некаде по 60-70 илјади евра, а должат по 100 илјади евра нафта. Ние ова што го работиме веќе три години сме во минус. Од пандемијата наваму ние сме се во минус. Но, ајде ќе издржиме. Јас оваа дејност ја извршувам веќе 33 години. И се сме во минус. Три години и повеќе сме во минус. Јас не можам 25 илјади денари да ги одвојам на страна за да ја хранам фамилијата. А кај ми се трошоците, кај за да го обновам возилото. Па јас со 25 илјади и едно 5 илјади се позајмувам од другариве, од колегиве за да излезам на крај. Не можам да излезам на крај со мојата плата. Имам трошоци кај автобусот. Не можеме веќе, исцрпени сме, рече возачот.
Од Град Скопје завчера соопштија дека ќе биде објавен нов јавен повик за приватните автобуски превозниците на линиите со број 20 и 22.
– Ги повикуваме сите приватни превозници да аплицираат на објавениот јавен повик, индивидуално или преку претставник на група на приватни превозници, се вели во соопштението на Градот.
Единствена разлика, како што велат од Град Скопје, е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.
Муриќ вчера потврди дека остануваат на ставот ниту еден превозник да не се јави на јавниот повик од страна на Град Скопје, посочувајќи дека тоа е само обид за разединување и разбивање на единството на приватните превозници.
– Тој оглас прво е многу некоректно направен и некоректно поставен. Зошто? Нека ни го исплатат долгот што ни го должат, нека ни ги презентираат условите па да разговараме. Меѓутоа, без да ни го исплатат долгот и без да не вклучат како неправедно исклучени од сообраќај, како што најавувавме и порано, работите во од да се решаваат ни на крај памет не ни е, на ниту еден од нас тука, одговорно ви тврдам. Значи, тоа е една фарса и обид за разнебитување и разединување на приватните превозници што ви гарантирам дека нема да се случи, рече Муриќ.
Власта и опозицијата и вчера излегоа со меѓусебни обвинувања за сообраќајниот хаос предизвикан од блокадите на приватните автобуски превозници.
Од СДСМ преку соопштение посочија дека делумното повлекување на блокадата во главниот град не значи и решение за колапсот на јавниот превоз во Скопје кој, наведуваат, го создаде неспособната ВМРО-ДПМНЕ.
– Мицкоски и ДПМНЕ да најдат решение за проблемот што го созададоа и да го ослободат и Скопје и државата од блокади и хаос. Градоначалничката, претседателот на Светот, мнозинството во Советот на Град Скопје, директорите и членовите на управните одбори на јавните претпријатија во Скопје сите се кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Нека седнат и нека работат, да најдат решение за колапсот на сообраќајот во Скопје, се наведува во партиското соопштение.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, побара власта и раководството на Град Скопје да испорачаат решение за проблемите на приватните автобуски превозници и „да се престане со политика врз грбот на граѓаните“. Најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи секое решение што е во интерес на граѓаните и на скопјани.
Претходно завчера директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски изјави дека целосно се повлекува од неговата улога во протестот на приватните превозници во чие име зборуваше во изминатиот период, како што рече, да не се злоупотребува неговото име, а блокадите остануваат и понатаму. Во однос на новиот јавен повик од страна на Град Скопје, тој рече дека никој од превозниците присутни на протестот кои досега ја извршуваа својата дејност нема намера да се пријави, доколку долгот не биде расчистен.
Приватните превозници бараат од Град Скопје да се подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање поради недостиг на средства.
МИА