(Видео) Сине, ќе ти помагам до последниот здив“ – Кој е Бојан од Скопје, кој го расплака цел Балкан во „Ѕвездите на Гранд“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/22 9:00 AM

(Видео) Сине, ќе ти помагам до последниот здив“ – Кој е Бојан од Скопје, кој го расплака цел Балкан во „Ѕвездите на Гранд“

Бојан Илиевски (23) од Скопје минатата недела го расплака цел Балкан во „Ѕвезите на Гранд“, каде поддршка му беше баба му Снежана.

„Тој нема мајка и татко, дојде со баба. Починати се“, рече баба Снежана низ солзи, па  го расплака Бојан, плачеше и Цеца, публиката во студиото, но и сите кои го гледаа шоуто. Бојан доби шест глада и се пласираше во вториот круг, а за ментор ја одбра Цеца.  Гласовите беа заслужени, Бојан ги освои жирито со емоција, убав глас и тоа што професионално ги отпеа двете песни, со кои се претстави.

Но, кој е Бојан, ова тивко и емотивно момче, на кое му претстои борба за финале. Не само со Бојан, ММС поразговара и со баба Снежана, кој вели дека секогаш од срце ќе го подржува, како и секоја баба и дедо кои си ги поддржуваат внуците. Тоа го вели и Бојан.

-Не сакам мојата музичка кариера понатаму да ја градам со мојата животна приказна. Навистина не ми е тоа целта. Не ни сакав тоа да го споменеме, но баба ми ја совладаа емоции и не можеше да се воздржи, ни рече Бојан уште на почетокот на разговорот.

Затоа разговорот го почнавме за музиката, неговата преокупација, професија, ѕвезда водилка. Музиката, која толку многу му помогнала кога му било најтешко во животот, кога сватил дека животот понатаму ќе го продолжи сам, без родителка поддршка, без мајка му Гордана и татко му Миќо, од кого го наследил талентот.

Бојан има завршено музичка академија во Словенија, но за јавноста во Македонија не е непознат, бидејќи поради неговата љубов кон музиката уште од мал станал препознатлив, уште кога гласот не му бил мутиран. А тоа била и причината првиот пат кога се пријавил во „Ѕвездите на Гранд“ да не продолжи, туку да дојде за некоја година, кога ќе му се среди гласот.

-Како дете имам снимки на Јутјуб, но уште гласот не ми беше мутиран. Тогаш бев интересен, имав специфичен глас. Додега мајка ми беше жива, таа беше иницијатор да се занимавам со музика, музички да се школувам.  Кога бев 2-3 одделение талентот таа ми го откри. Вујко ми патуваше и и купување цедиња со различна музика. Имаше  систем и јас ја научив „Неке птице никад не полете“. Не знам зошто ја засакав таа песна, постојано ја пеев.  Тогаш имав детски глас и  мајка ми кога ме заслуша се изненади од мојот талент. Па се запишав во нижо музичко, а паралелно запишав курс на гитара кај Јанко Узунов. Учев гитара од него, а пеење од Жаки.  Ја засакав гитарата, почнав да свирам.

 

Во меѓувреме по  иницијатива на мајка ми снимав песни, едната „Македонците печалбарите“ и „За Македонија“, а направив и преработка на страта македонска песна „Ах, каде е мојто либе“. Настап по настап сватив дека мојата животна преокупација ќе биде музиката. Па кога имав 15 години почнав да одам на тезги и да заработувам.  Се запишав на Музичка академија во Љубљана, настапував низ Словенија, Австрија. Но, додека живеев во Словенија, за жал,  ја изгубив мајка ми. Се лечеше во Македонија, во Турција, во Германија и Чешка, но, за жал не успеа да се избори со болеста. Јас морав да се вратам, условот за да добијам работна виза тогаш беше да имам некој од родителите да одговара за мене од секаков аспект. Јас бидејќи немав татко, ја изгубив и мајка ми и немав повеќе старатели. Баба и дедо не се прифаќаат. Затоа морав да се вратам, рече Бојан за ММС .

 

Додека учел музика во школото на Јанко Узунов ја снимил песната „Песна за татко“, која како 13 годишно момче ја пеел на многу општински и школски настани. Таа песна ја посветил на својот татко, кого го загубил кога имал само 3.5 години. Судбината го натерала да расте без татко му, а години подоцна го натерала да продолжи и без мајка му, која починала од канцер пред неполни две години.

-Татко ми го изгубив пред 19 години, имав неполни четири години кога загина со мотор во сообраќајка.  А мајка ми? Мајка ми беше прекрасна жена. Додека мајка ми беше жива, пред да оди на операција во Германија дојде кај мене во Словенија и остана неколку дена. Ме изненади. Знаев дека беше болна, но не знаев дека тоа видување ќе ми го даде последниот мајчински совет. Беше навистина тешко, тоа што јас го преживеав не го посакувам на никој.  Ме седна и ми рече:

„Имам нешто да ти кажам. Јас чувствувам дека не сум добра. Да знаеш дека ќе бидеш принуден сам да се снаоѓаш, да работиш и сам да си го плаќаш школувањето. Колку можам до последниот здив јас ќе ти помагам. Дај Боже да поживеам ама сешто може да се случи“.

– Јас тоа не сакав да го слушанам. Не сакав да поверувам во тоа. Мајка ми ми била најголема поддршка и мајка и татко, не дозволила ништо да ми недостасува. На 18 години журката за полнолетство ми ја направи како на сон, вели Бојан и додава:

-Тоа ми беше голем шок. Навистина доживеав многу голем стрес, ништо не ми беше интересно, бев многу разочаран.  Дино Мерлин во едно интервју вели: „Доживеав таков пад, што сакав да ја оставам музиката“. Јас не ја оставив музиката, напротив се потпрев на неа, ме држеше во живот, ме мотивираше и ме тераше напред. Да не беше музиката не знам што ќе беше со мене. Постојано слушав музика, свирев и сватив дека таа ќе биде мојата професија. По смртта на мајка ми, по враќањето од Словенија почнав да живеам со баба и дедо, имам голема поддршка од нив.  Тие ми се најголемата поддршка, тие ми се се, вели Бојан.

 

Во „Ѕвездите на Гранд“ Бојан еднаш се пријавил по желба на мајка му, а сега  на баба му.

-Јас имав желба да се пријавам и баба ми знаејќи дека сакам ми кажа дека ме пријавила. Драго ми е што сум дел од оваа шоу, очекувам да одам напред, не сум таму само заради маркетинг. Не можам да опишам колку ја сакам музиката, ни рече Бојан.

И додека разговаравме со него, се приклучи и баба Снежана. И таа како и Бојан замоли неговата животна приказна да не се користи понатаму во претставување на Бојан, бидејќи тоа не му е целта.

-Јас не сакав тоа да го кажам, тој убаво пее, има талент и верувам во него. За него тоа е многу болно и навистина ниту јас сакам, а и тој не сака, многу да се зборува за приватниот живот. Тој е многу емотивен, многу добар, израснат е во патријархално семејство, знае да почитува. Свесна сум дека тоа е животот, нема што да правиме. Бојан израсна без татко му Миќо, рано го загуби и дури не го памети, освен по слики, но ете судбината сакала и ќерка ми Гордана да ја изгубиме. Тешко е. Ние ‘ќe бидеме со него додека сме живи, ќе бидеме покрај него и ќе го поддржуваме. Јас и мојот сопруг Ацо живееме за внуците.  Верувајте навистина не сакав во шоуто да го кажам тоа, но ме совладаа емоциите, па го расплакав и него. Емоцијата не прашува, доаѓа потсвесно, вели баба Снежана.

Весна Миленковска

Фот: Фејсбук приватна архива/