Комерцијалните преговори за намалување на надоместоците за роаминг помеѓу ЕУ и Западен Балкан ќе започнат годинава, а дефинирањето на цените ќе се претстави во мај следната година. Намалувањето на најмалку една тарифа за податочни услуги ќе се реализира на 1 октомври 2023 година, најавуваат од Македонски Телеком, еден од мобилните оператори кои денеска потпишаа заедничка декларација за следните чекори за намалување на надоместоците за роаминг, во рамки на Самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан во Тирана.
Со оваа иницијатива, стои во информацијата од компанијата, Дојче Телеком и другите мобилни оператори, ја поддржуваат мобилноста и поврзаноста на граѓаните и бизнисите од ЕУ и Западен Балкан (Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, и Србија). Десет телекомуникациски оператори, вклучувајќи го и Дојче Телеком, се согласија на оваа заедничка иницијатива, преку намалени надоместоци за дополнително стимулирање на услугите за роаминг помеѓу двата региона.
-Иницијатива е отворена за сите оператори од ЕУ или Западен Балкан кои сакаат да се приклучат. Направена е на доброволна основа помеѓу телекомуникациските оператори и покажува колку успешна може да биде соработката помеѓу индустријата, владите и меѓународните организации. Партнери на оваа иницијатива се Советот за регионална соработка и Европската комисија, стои во соопштението и се дополнува дека во име на Дојче Телеком, декларацијата ја потпишаа Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски Телеком и Марк Васиќ, раководител на меѓународна регулатива на Дојче Телеком.
Договорот беше потпишан во присуство на лидерите од Западен Балкан, како и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на Европа Шарл Мишел.
На 1 јули минатата година се укина роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Со тоа се заокружи примената на Договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година меѓу шесте држави од Западен Балкан.
МИА