„Нека дојдат со тенкови или нека стрелаат по возачите“ – Сообраќајниот хаос во Скопје продолжува – ММС
ММС

Објавено на: 12/6/22 10:30 AM

„Нека дојдат со тенкови или нека стрелаат по возачите“ – Сообраќајниот хаос во Скопје продолжува

Приватните автобуски превозници на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ веќе втор ден оваа недела протестираат со блокади на три важни сообраќајни точки во Скопје.

Тие очекуваат решение за нивните барања, односно да се подмири или евентуално да се почне подмирувањето на долгот што Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие го има кон нив.

Во однос на вчерашната изјава на телевизиско гостување на министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, дека Владата има инструменти за отстранување на блокадите од страна на приватните превозници во Скопје, директорот на Слобода превоз, Ленин Јовановски, во изјава за МИА рече дека протестите се законски најавени и дека ако мислат дека нешто е погрешно и можат да направат нешто, тоа нека го направат.

-Законски се најавени ако мислат нешто дека е погрешно и можат да направат тогаш нека прават, ако сакаат можат и со тенкови или во друг случај стрелаат возачите што протестираат, вели тој.

-Ако некој мотивира насилство во демократска држава каде што протестите се уставно загарантирано право, тогаш тоа треба да загрижи многу фактори во и надвор држава, изјави за МИА Јовановски.