Докторите ме осакатија, па бегаат од правда, еден ден ќе мора да дојдат во суд, вели Веапоска – ММС
ММС

Објавено на: 12/5/22 3:06 PM

Докторите ме осакатија, па бегаат од правда, еден ден ќе мора да дојдат во суд, вели Веапоска

Денес во струшкиот суд беше одложено второто судско рочиште за случајот со родилката од Дебар, Јилдиз Веапоска, бидејќи не биле присутни двајцата обвинети лекари.

Веапоска за ММС веднаш по излегувањето од суд рече дека може да бегаат колку сакаат, но дека еден ден ќе мора да понесат одговорност.

На Веапоска по породувањто и беше оштетена левата бубрежна артерија по што ѝ беа извадени матката, јајникот и еден бубрег. Лекарите во Скопје едвај ѝ го спасија животот, но остана без три органи.

-Се одложи судењето, двајца обвинети не дојдоа, Асани и неговиот син, беше дојдена само докторката. Судијата даде наредба за следниот пат да мора да бидат тука ако не присилно ќе бидат донесени.  На Адеми наводно адвокатот му  имал дуруго рочиште, а син му, наводно имал семејни проблеми. Ама поголем проблем од мене сигурно немаат. Две години чекам, две години поминаа од како се случи случката. Кога чекав две години ќе почекам и уште еден месец, не ми е проблем. Новото судење е закажано за 24 јануари во 10 часот. Ова е второ одложување. Првото се одложи, па се смени судијата, претходниот замина во пензија. Денес со овој судија е прво рочиште, рече за ММС Веапоска.

Таа е лута што бегаат од одговорност, па им порача:

-Им порачувам дека еден ден правдата ќе мора да се спроведе. Јас сум трпелива и ќе чекам. Еден ден ќе мора да дојдат. Ова е само губење на време. Да ме осакатат и да бегаат, да не одговараат за тоа што го направиле. Сепак, теба да дојдат и да објаснат. Добро е што следниот пат ќе мора да дојдат, ако не присилно ќе ги доведат, вели Јилдиз за ММС.

Јилдиз веќе три години живее без три здрави органи. Вели дека е подобра за разлика од тоа што била, но дека е под постојана терапија.

-Под терапија сум, а се лекувам и на психијатрија. Се’ појака терапија ми даваат. Ама морам да издржам. Свесна сум дека каква што бев нема никогаш да бидам. Јас тоа го знам. Но, сакам да има правда, да не страдаат и други. Јас едвај спасив жива глава, благодарение на лекарите во Скопје, но не секој има среќа да се спаси, додава таа за ММС.

(В.М.)

 

 

Плачам од среќа и се надевам дека правдата ќе победи, вели Јилдз Веапоска, родилката од Дебар

„Тато, дали мама ќе умре? Дали јас веќе немам мајка?“ – Јилдз Веапоска од Дебар поминува низ пекол откако по породување и извадиле три органи