„Денес сме партнери во НАТО, а се надевам ќе бидеме и партнери во ЕУ“ – Државна вечера во чест на претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/22 10:34 PM

„Денес сме партнери во НАТО, а се надевам ќе бидеме и партнери во ЕУ“ – Државна вечера во чест на претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер

По повод официјалната посета на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмајер, беше приредена државна вечера, на која беа поканети претставници од државниот врв, пратеници, претставници од политичките партии, како и стопанственици од бизнис-секторот коишто остваруваат економска соработка со Германија.

Во рамки на свечената вечера, соопшти Кабинетот на Пендаровски, двајцата претседатели имаа протоколарни обраќања во чест на македонско-германското пријателство, соработката и заедничката европска иднина.

Пендаровски истакна дека му е особено задоволство што е домаќин на првата официјална посета на Штајнмајер на Република Северна Македонија и посочи дека кога стапил на должноста во 2019-та, првата билатерална посета му била токму на Сојузна Република Германија.

-Сојузна Република Германија е еден од најважните партнери на Република Северна Македонија, а нашата интензивна соработка во многу области во изминатите децении е најдобар доказ за цврстите односи и пријателството меѓу нашите две држави. Идната година ќе одбележиме триесет години од воспоставувањето на дипломатските односи што е  значаен јубилеј за мојата држава и основа за понатамошен развој на нашите односи, истакна шефот на државата.

Потсетувајќи дека оваа година земјава почна ново поглавје на патот на нашата интеграција во Европската Унија, Пендаровски се заблагодари за силната и конзистентна поддршка лично од Штајнмајер и од СР Германија.

-Вие и германската држава сте едни од најсилните промотори и застапници за европската интеграција на Северна Македонија и на нашиот регион. Од суштинско значење за нас во овој сензитивен период е успешно завршување на првата скрининг фаза од процесот на преговори за да почнеме со следната фаза на конкретни преговори во рамките на кластерите и поглавјата. На тој пат, како и досега, ја очекуваме Вашата поддршка и поддршката на Германија во различните области од реформите што следат. Сакам да Ве уверам дека од наша страна посветено ќе ги исполнуваме преземените обврски и ќе бидеме доверлив партнер во овој процес, истакна Пендаровски.

Рече и дека е особено горд на економската размена и инвестициите затоа што „Германија е нашиот најголем економски партнер и еден од најзначајните инвеститори во нашата држава“.

-Нашата економска соработка не се состои само во трговска размена туку и во пренесување на германската технологија и знаење што е од непроценлива важност за социоекономскиот развој на Северна Македонија. Нашите две држави остваруваат и интензивна соработка во сферите на образованието, науката и културата. Ние го користиме германскиот модел на дуално образование во реформата на нашето средно стручно образование, а голем број на студенти и наставен кадар од нашите универзитети учествуваат во програмите за академска размена меѓу нашите држави. Изучувањето на германскиот јазик е се попопуларно во нашата држава, а наш стратешки приоритет е промоцијата на македонскиот јазик на катедрите за славистика на германските универзитети, додаде Пендаровски.

Нагласи дека Германија и Северна Македонија постигнаа многу во развојот на билатералните односи во изминатите три децении.

-Денеска нашите две држави се партнери во НАТО, а се надевам дека во догледна иднина ќе бидеме и партнери во Европската Унија. Постигнатите резултати треба да ги негуваме, но и да имаме амбиции за уште поголема соработка во сите сфери од заемен интерес, рече шефот на државата на вечерата во чест на претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмајер.

На вечерата присуствуваа и претставници од граѓанското општество и поединци кои имаат придонес во градење на македонско-германските образовни и културни врски во изминативе години.