Не скршнувајте и продолжете да чекорите по патот на пристапниот процес, порача Валтер-Штајнмајер до пратениците – ММС
ММС

Објавено на: 11/29/22 4:15 PM

Не скршнувајте и продолжете да чекорите по патот на пристапниот процес, порача Валтер-Штајнмајер до пратениците

Свесен сум дека патот кон Европската Унија е сè освен лесен, дека довербата и трпението во преговорите ќе бидат оптоварени, но мојата молба до вас пратеници, но и до сите граѓани на Северна Македонија е да продолжите да чекорите по патот на пристапниот процес и тоа решително, не скршнувајте на последните метри, порача претседателот на Сојузна Република Германија Франк Валтер-Штајнмајер, кој денеска се обрати пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.

На 94-тата седница во Собранието, денеска германскиот претседател порача дека му претставува чест што денеска се обраќа од местото каде што на 16 јули оваа година Собранието испиша историја.

– Ја донесовте одлуката што сигурно не беше едноставна за никој од вас за гласање на протоколот со Бугарија за да продолжите да чекорите по европскиот пат. Сликата како се вееја македонското знаме и знамето на ЕУ, таа слика во Германија ја примивме со радост и длабока почит кон вас и кон целата ваша земја. Ги видовме и другите слики, блокадите во собранието и демонстрациите против францускиот предлог.

Протоколот со Бугарија и потребната уставна промена, како што посочи, ги засегаат луѓето во Северна Македонија бидејќи се работи за прашања од националниот идентитет, македонска историја, јазикот и културата.

– Мислам дека вие може самоуверено да ги водите овие дебати. Луѓето на Северна Македонија, Вие одредувате што ја сочинува вашата земја и вие решавате како треба да изгледа македонскиот идентитет денес и како треба да изгледа во иднина, вели Валтер-Штајнмајер.

Оваа уставна промена, посочи дека е повеќе од собирање политички поени и станува збор за повеќе од партиско политичко или лично профилирање.

– За патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор. Можам да ве уверам имаме голема почит кон вашата земја како резултат на вашиот крајно трнлив пат кон ЕУ. Вашата земја докажа политичка храброст. Охридскиот и Преспанскиот договор покажуваат дека вашата земја го владее тоа што е најтешка задача во демократијата воопшто, да се водат болни дебати, да се решаваат дебати и да прифаќаат компромиси, додаде германскиот претседател.

Во своето обраќање се осврна и на руската агресија врз Украина, што како што вели, не ја подели Европа, туку уште повеќе ја зближи.

– Северна Македонија како член на НАТО покажа дека е сигурен партнер за Украина, но и за сите нас во Европа, истакна Валтер-Штајнмајер и додаде дека особено го радува тоа што на 1 јануари 2023 година земјава ќе го преземе претседателството со ОБСЕ.

Порача дека интензивните билатерални односи помеѓу двете земји и понатаму ќе доживуваат подем, особено во економскиот дел.

Во своето обраќање, германскиот претседател Валтер-Штајнмајер ја истакна и потребата на Европа од земјите од Западен Балкан.

– Пред сите нас има огромни задачи, како борбата против климатските промени, социјална и еколошка трансформација, последиците од руската агресија, солидарноста во Европа. Овие предизвици може полесно да се совладаат преку сигурни партнерства, Германија и ЕУ стојат на страната на Северна Македонија. Поаѓаме од тоа дека нашиот пат и понатаму ќе биде заеднички пат, порача германскиот претседател.

МИА