Во четврток, со почеток во 20 часот ќе се одржи концертот насловен „Раат“ – авторски проект на композиторот Џијан Емин со оркестарот на Македонската филхармонија.
Концертот е електро-акустичен и претставува премиера на новиот музички проект на Џијан Емин, кој воедно ќе застане и зад пултот со оркестарот на филхармоничарите.
„Раат“ е мултимедијална приказна раскажана преку несекојдневен третман на звукот обликуван во препознатливиот авторски стил на композиторот Џијан Емин.
-Најубавите работи во животот, љубовта, среќата, мирот, разумот, небото, морето, реките, планините, …се бесплатни и не можат да се купат. Една од тие убави и важни работи е и раатот кој може да го создадеме исклучиво само ние самите. Раатот не можеш да го купиш, ниту да го излажеш или измамиш, не можеш да го предвидиш, можеш да флертуваш со него, но најдобро е да му се препуштиш потполно. Раатот ќе ти даде сила и љубов кога мислиш дека најмалку ја имаш. Ќе ти даде разум кога најмногу ти треба. Ќе ги намести срцето и душата на своите места. Сите си имаме свој раат, на различни места и во различни нешта, но чувството е исто….раат“.
Џијан Емин е човек со (без) име и презиме. Токму онака како што своевремено пееше „Архангел“, група во којашто едно време и самиот беше член. Име и презиме кое се запаметува на прва, човек за кого и светот слушна. Неговата силна желба сето она што како музички уметник во младоста го стекнал и го практикувал да го преточи еден ден во, велат, најкомплексниот сегмент од најубавата уметност – диригирањето нему му се оствари. Џијан Емин застана зад пултот со Македонска филхармонија во повеќе значајни проекти изминатите неколку години, во дел од нив и како оркестратор, привлекувајќи го силно вниманието на јавноста.
Тој е познат по масовните концерти „Скопје за Боуви“ и „Пинк флојд“ во Градскиот парк на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис“ во охридскиот Антички театар со еден од пионерите на детроитската техносцена Дерик Меј и повторно Македонска филхармонија, проект со кој го прошета светот (САД, Австралија, Франција).
Потоа се памети и настапот со Белградскиот симфониски оркестар и американскиот диџеј Јуан Аткинс – уште еден експериментален влог во кој фузијата на електронската и класичната музика се покажа мошне инспиративна, минатогодишниот концерт „Париз те сакам“ по повод Денот на вљубените на кој француски познати шансони беа во негови аранжмани, проект со кој, исто така, излезе надвор од нашите граници (Прага, Будимпешта), мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium“ што се одржа во „Мала станица“, а кој се издвои како еден од иновативните звучни проекти и во авторска, но и во продукциска конотација, како диригент на Симфониски концерти за деца, на новиот и мошне активен ансамбл на Здружението на џез-музичари на Македонија…
„Секој уметник кој се стреми да биде голем презема храбри чекори и одговара на предизвиците во уметноста, кои се круцијални за добивање нови форми, нов израз, нови начини кои носат воспоставување нови медиуми“. Токму тоа, Џијан Емин, во разни форми и жанрови, досега умешно го прави тежнеејќи да претстави една нова музичка перцепција, да наметне нова звучна естетика која се базира на неговото навистина огромно искуство како мултимедијален музичар – многу години како прв хорнист во Македонска филхармонија, клавијатурист, гитарист, композитор, аранжер, сега и диригент…
Вели дека не може да ги наброи сите свои досегашни проекти и соработки, затоа што се многу. Сепак, ќе издвоиме уште неколку од нив: концертите како хорнист со Македонска филхармонија, но и со Белградската, концертите како класичен солист, камерен музичар, активностите во другите жанрови со бендовите како што се „Проект жлуст“, „Д.Н.О.“, Квартетот на Георги Шаревски, „Скопје конекшн“, многу проекти со „Архангел“, соработките со Бодан Арсовски, Тони Китановски, Кирил Џајковски, „Фолтин“ и Никола Коџабашија, бројните дискографски изданија, ангажманите со оркестарот за снимање филмска музика „Фејмс“, меѓу чии проекти се најде и неговата оркестрација на музиката на Мет Феди која го одбележа најголемиот новогодишен огномет кој се случи во Дубаи, соработки со Малколм Брн, продуцент кој работел и со „Ју ту“, Питер Габриел или Боб Дилан, потоа со Вилијам Паркер, Грег Хопкинс, Питер Херберт, Дамо Сузуки, Џовани Фалцоне, Френк Лондон, Боб Стјуарт, Џанлука Петрела, Лука Аквино, Ернст Рејсегер…
За Џијан Емин, музиката има магична моќ. На различни начини успева да нè води низ времето, ни ги пренесува мудростите на животот, среќата, радоста, тагата…, несвесно влијае на нашиот разум и нè прави подобри луѓе. Тој го следи своето срце кое, признава, му нанело многу болки, но за возврат, денес ја има слободата која носи безмерна среќа, а која сака да ја споделува со луѓето.