(Видео) „Рани“ нова песна на ДНК пред јубилејниот концерт – ММС
ММС

Објавено на: 11/23/22 11:42 PM

(Видео) „Рани“ нова песна на ДНК пред јубилејниот концерт

Не, не ништо не, овие години не промениле, срце полно рани, рани, рани, рани, во душа празни страни, непишани романи… вака гласи рефренот од новата тема на ДНК, со наслов „Романи“, а со која момците го заокружуваат последниот студиски материјал „Дваесет“.
„Романи“ е една убава љубовна тема. Метафорична приказна, несекојдневен спој и песна со неочекуван рефрен, нешто што ете го чувавме како последно парче од приказната наречена „Дваесет“, албум што значи заокружување на овој наш 20-годишен јубилеј“, велат Панчо и Андреј.

Денес, пак, на последната средба со новинарите, рекоа дека круна на славењето ќе биде големиот концерт закажан на 3 декември во арената „Борис Трајковски“, Панчо и Андреј  заедно со сите свои фанови од сите генерации ќе го одбележи убавиот јубилеј.

„Романи“ е дванаесетто парче на албумот, што во продажба ќе го има на самиот концерт, а освен што дел од собраните средства ќе бидат насочени во хуманитарни цели, сите оние кои сакаат да имаат потпис и фотографија со Панчо и Андреј тоа ќе можат да го направат по завршувањето на концертот. Панчо и Андреј ќе останат во салата сѐ додека фановите тоа го бараат од нив.

На материјалот уште се ставени и темите „Кога би знаела сѐ“, „Ромео и Јулија“, „Ние“, „Македонија на Европско“…
Видеото за „Романи“ е снимено во Турција и е со потписот на Даниел Јовески. Во кадрите, кои ја следат приказната од текстот, освен Панчо и Андреј се појавува и моделот Ана Парлапанова.

 

Дел од средствата на концертот ќе бидат наменети за хуманитарни цели, односно во Фондацијата „Марко Божиновски“, младиот ракометар, кој почина во сон.

Панчо и Андреј рекоа дека родителите кои ќе сакаат со своите деца да бидат дел од концертот, со себе да понесат идентификација, бидејќи за деца до девет години нема да е потребен билет.

Фото: Вангел Тануровски