Жив сум, порача Ник Болитиери преку тениската академија, откако ќерка му објави дека починал – ММС
ММС

Објавено на: 11/21/22 1:38 PM

Жив сум, порача Ник Болитиери преку тениската академија, откако ќерка му објави дека починал

Светски познатиот американски тениски тренер Ник Болитиери почина на 91. годишна возраст, објави денеска неговата ќерка Анџелик Ен на социјалните мрежи.

-Мојот татко замина на другиот свет. Молете се за него. Те сакам тато, напиша Ен Болитиери.

Американските медиуми јавија дека Болитиери починал во неделата како последица на бубрежна инфекција.

Набргу потоа познатата тениската академија „IMG“ демантираше дека починал нејзиниот основач и прочуен американски тренер Ник Болитиери (91), откако претходно бројни светски медиуми објавија дека Болитиери е мртов.

-Би сакал да ги уверам сите дека, спротивно на тоа што го објавија светските медиуми, јас сè уште сум жив. Не можат многу работи да го уништат овој италијански старец. Ги имам тука своето семејство и пријателите и тоа ме прави многу среќен, ги пренесе тениската академија IMG зборовите на познатиот американски тренер.

Бројни светски медиуми претходно пренесоа дека неговата ќерка Анџелик Ен Болитиери споделила на социјалните мрежи дека нејзиниот татко Ник починал на 91. годишна возраст.

Како реакција се огласија и бројни тенисери, вклучувајќи го и Николас Кифер, изразувајќи сочувство до семејството на славниот тренер.

Ник Болитиери е познат по својата тениска академија во Флорида низ која минаа голем број тениски ѕвезди, вклучувајќи ги Моника Селеш, Андре Агаси, Џим Куриер, Серена и Венус Вилијамс, Марија Шарапова, Мартина Хингис, Мери Пирс, Ана Курњикова и Борис Бекер.

Фото:tennis365.com