(Видео) „Можеби ова е последната моја порака“ – Уапсена актерката Газиани поради поттикнување и поддршка на немирите во Иран – ММС
ММС

Објавено на: 11/21/22 9:15 AM

(Видео) „Можеби ова е последната моја порака“ – Уапсена актерката Газиани поради поттикнување и поддршка на немирите во Иран

Иранската полиција денеска ја уапси актерката Хангамех Газиани бидејќи на една видео снимка ја извади марамата во знак на протест поради смртта на 22-годишната Махсе Амини.

Газиани е уапсена поради поттикнување и поддршка на „немири“ и комуникација со опозициските медиуми, објави државната новинска агенција ИРНА.

Иранското правосудство денеска соопшти дека ја повикало актерката, како и седум други личности од светот на филмот, политиката и спортот, поради објавување „провокативна“ содржина за поддршка на протестите.

Актерката претходно изјави дека добила покана од судот, а на Инстаграм објави видео на кое го симнува превезот.

– Можеби ова ќе биде мојата последна порака. Отсега, што и да ми се случи, знајте дека како и секогаш, јас сум со иранскиот народ до последниот здив“, напиша актерката во саботата навечер.

Таа изминатите недели силно го критикуваше задушувањето на демонстрациите, обвинувајќи ги властите за убивање деца и млади луѓе за време на протестите.

Протестите во Иран почнаа на 16 септември, откако Амини почина откако беше уапсена од полицијата за морал поради непочитување на строгите ирански кодекс за облеката на жените.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Hengameh Ghaziani (@hengamehghaziani)


Демонстрациите подоцна се претворија во движење против иранските верски власти. Според податоците на невладините, во задушувањето на тие протести загинале неколку стотици луѓе, додека околу 15.000 се уапсени. Некои од уапсените беа осудени на смрт.

МИА

Фото: Принтсрин видео Твитер