– Во седум училишта во Скопје и денеска е упатена закана за поставена бомба, соопшти МВР.
Од полицијата за МИА информираат дека се преземаат мерки за безбедно евакуирање и антитерористички проверки.
-Во 9:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на електронската адереса на седум училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземаат мерки за безбедно евакуирање и во трек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, се наведува во соопштението на МВР.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера во интервју за МИА прашан дали има симболика тоа што дојавите на бомби се случуваат само во среда, четврток и петок, рече дека не само што се случуваат во последните три дена во работната недела туку дека тие се случуваат кога наставата ја следи една иста смена со ист наставен кадар.
Според министерот, целите на дојавите за лажните бомби што се случуваа изминатите недели во повеќе скопски средни училишта, е да се влијае на политичкиот момент во државата, на капацитетот на институциите и на граѓаните преку предизвикување вознемиреност и несигурност.
Тој во интервјуто нагласи дека за секоја ваква дојава постојат протоколи, кои мора да бидат испочитувани без разлика колкав е степенот на веројатноста во однос на подметнувањето на бомби, што секако троши многу сили и енергија, но потенцира дека полицијата е апсолутно подготвена со сиот потенцијал и капацитет и оти во целиот процес се вклучени повеќе сектори.
МИА