(Видео) Предложен куќниот притвор за напаѓач врз новинарска екипа – ММС
ММС

Објавено на: 11/15/22 7:53 PM

(Видео) Предложен куќниот притвор за напаѓач врз новинарска екипа

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 67-годишно лице осомничено за насилство врз новинарска екипа.

– Пријавениот, на 14 ноември, со грубо навредување и грубо насилство ја загрозил сигурноста на снимател од новинарска екипа, додека кај присутните сведоци – новинар и возач на телевизиската екипа предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Осомничениот најпрвин упатил погрдни зборови и пцовки кон новинарската екипа која снимала прилог, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со лактот во вилицата и нанесувајќи му телесна повреда – набиеница, информираат од ОЈО Скопје.

Оттаму велат дека бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство, како и особени околности врзани со начинот на извршување на делото кои укажуваат дека тој би можел да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка – куќен притвор​.

ТВ 24 вчера објави видео прилог во кој снимателот Љубиша Игнатов, бил физички нападнат со боксови во скопската населба Пржино, каде заедно со новинарска екипа се обидел да сними прилог пред куќата која била пријавена како престојувалиште на Онишченко. Екипата на ТВ 24 била нападната од 67-годишниот сопстевник на куќата, кој потоа од балконот кон новинарите се однесувал вулгарно, како што може да се види од прилогот.