(Видео) Некогаш изгледа како да сме заборавени од ЕУ – Пендаровски се обрати на Парискиот мировен форум – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/22 4:23 PM

(Видео) Некогаш изгледа како да сме заборавени од ЕУ – Пендаровски се обрати на Парискиот мировен форум

Претседателот, Стево Пендаровски денеска во рамки на неговото учество на 5. издание на Парискиот мировен форум се обрати на панел на којшто се дискутираше за решенија за надминување на кризите.

Претседателот истакна дека во изминатите месеци е разбирливо што сите зборуваме за безбедносната состојба во Украина поради руската агресија таму, но дека темата за безбедност е доста позната за Западниот Балкан со оглед на неговата модерна историја. Кога се зборува за решенија на кризите, претседателот рече дека решение за системската криза којашто сè уште тлее во регионот на Западен Балкан е да имаме поголемо европско присуство во регионот.

-Некогаш работите изгледаат како да сме заборавени од Унијата и без напредок на земјите кон Унијата, додаде тој.

Претседателот посочи дека Северна Македонија го почна процесот на пристапување кон Унијата и дека е во тек скрининг-процесот којшто треба да трае до крајот на идната година. Според него, потоа ќе можеме да зборуваме за следните фази од процесот на пристапување кон ЕУ.

Претседателот се осврна на нашиот регион за кој рече дека има споделени предизвици, дека демографските трендови не се поволни и притоа порача дека е потребно да се инвестира повеќе за младите луѓе, со цел да имаат повеќе можности за успех дома во своите земји. Тој додаде дека ни е потребно поголемо европско присуство постојано, а не само кога има кризни случувања.

Во однос на Европската политичка заедница,  Пендаровски го повтори неговиот став дека таа треба да биде инструмент што ќе ни помогне во процесот на пристапување кон ЕУ, а не само дебатен клуб или, пак, замена за членството во Унијата, затоа што веќе се соочуваме со трендови на зголемување на евроскептицизмот и над 20% пад на поддршката за пристапувањето кон ЕУ.