Дијабетот е болест на модерното време, граѓаните да прават редовни контроли – апелира невладиниот сектор – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/22 4:13 PM

Дијабетот е болест на модерното време, граѓаните да прават редовни контроли – апелира невладиниот сектор

Во Делчево и Македонска Каменица околу 300 пациенти се на инсулинска терапија додека 2500 пациенти примаат таблетарна терапија против дијабетес.

Претседателката на Здружението на дијабетичари на Делчево и Македонска Каменица, Лидија Дамјанова во рамки на денешната акција за мерење шеќер во крвта која се реализираше во пресрет на Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември, истакна дека во последно време сѐ поголем е бројот на млади луѓе кои заболуваат од болеста на модерното време.

-Состојбата со пациенти како и во цела Македонија, така и во Делчево и Македонска Каменица е загрижувачка, бидејки на територијата на овие две општини имаме околу 300 пациенти на инсулинска терапија и околу 2500 пациенти на терапија со таблети. Дијабетесот е болест на модерното време, бидејки и многу млади луѓе веќе заболуваат од нередовниот живот, од стресот што го имаат. Со овие акции се надевам дека ќе се доближиме до граѓаните на Делчево и Македонска Каменица во смисла да им помогнеме во справувањето со болеста – рече Дамјанова.

Според неа, поголеми проблеми од типот на набавка на потребната терапија во овие две општини не се забележани, но апелираше граѓаните да прават редовни контроли, за да се избегнат последиците, кои доаѓаат од ненавремените прегледи.

-Во Делчево инсулинската аптека е снабдена навреме и имаме терапија за сите, иако на ниво на Македонија има поголеми проблеми во тој поглед, немаме некои тука пациенти со многу големи компликации. Сепак важно е да се напомене дека со присуството оваа болест се нарушува видот, работата на бубрезите, на срцевите садови и  доколку не се води грижа може да дојде и до гангрена, отсекување на „не дај боже” на некој екстремитет, така што пожелно е граѓаните и да немаат проблем со шеќерот во крвта, редовно да прават проверки бидејки таа е подмолна болест, додаде Дамјанова.

Денешната акција за мерење на шеќер во крвта се спроведе во соработка со Јавната здравстена установа Здравствен дом „Гоце Делчев” Делчево, чиј директор Зоран Ѓорговски посочи дека ваквите акции даваат придонес во полесно справување со компликациите кои ги дава оваа болест и според него, тие треба да продолжат и во наредниот период.

Делчевецот Методи Крстевски, кој изврши проверка на количината на шеќер во крвта, посочи дека редовните прегледи и слушање на советите на лекарите придонесуваат за поквалитетен живот на граѓаните и нивните семејства.

Освен во Делчево акција за мерење на шеќер во крвта денес беше спроведена и во Општина Македонска Каменица.

 

МИА