„За пет месеци имав пет операции, проодував како мало дете“ – На новинарот Саше Димовски по ампутација на ногата му е потребна протеза за да функционира подобро – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/22 12:14 PM

„За пет месеци имав пет операции, проодував како мало дете“ – На новинарот Саше Димовски по ампутација на ногата му е потребна протеза за да функционира подобро

Вкупно пет операции во период од исто толку месеци, вака накратко би можел да се сумира во една реченица „новиот живот“ на новинарот, Саше Димовски.

Од април годинава секој ден учи нешто ново за да може подобро да функционира и како што вели, сам си смислува свои „рецепти“ за тоа како да си го олесни секојдневието. Сепак, за да се врати на активностите кои ги имал до април, тој мора да помине период на интензивна рехабилитација, но и да успее да дојде до протеза која треба да пристигне од Германија, откако во август едната нога му беше ампутирана до колено.

Новинарите веќе ги обединија силите за да му помогнат на колегата, кој својот пат во кариерата го трасираше од македонските судови, известувајќи за сите правди и неправди произлезени од нив. Додека се шири апелот за донации за Димовски и паралелно се подготвува донаторска акција која треба да се одржи в недела, новинарот во интервју за ММС раскажа за своите предизвици и за тоа колку јаката волја може да биде од помош во најтешките моменти.

„Мојата сага со ногата почна во април оваа година, откако поминав 33 дена на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија поради сепса, што значи труење на крвта. Докторите ги направија сите можни напори да се сопре тоа, беа направени две помали интервенции за ампутација на ногата и тие беа делумни, но проблемот се прошири и од 03 – август јас бев примен во Систина. Таму лежев 30 дена и се направија три сериозни ампутации во делот на стапалото, па над стапалото и на 26-ти август беше извршена големата ампутација до колено“, ја почнува Димовски својата „приказна“.

Тој вели дека често оди на контроли, а вчера, кога му биле извадени конците докторите биле пријатно изненадени од тоа како заздравува раната, па веќе од денес тој може да почне со физикална терапија. Саше објаснува дека целта на терапијата е ногата да се донесе во одредена „добра положба“ за да може да се постави протезата.

„Таа терапија ќе трае секојдневно околу еден месец со постојани вежби, затегнување на ногата за да може мускулите да се потполно функционални. Протезата треба да биде лесна односно околу 2 кг, изработена од титаниум и други материјали кои нема да предизвикаат иритација на кожата“, додава Саше.

За да ја добие протезата која треба да ја набави од германска фирма тој мора да ги испочитува законските процедури, што значи да се јави на комисија во Фондот за здравство за да се одобри потребното ортопедско помагало, кое дури потоа би се регистрирало во МАЛМЕД.

„Има и еден период на прилагодување, веројатно шест месеци. Во тој период ќе се следат сите промени на ногата и потоа ќе може да се направи таканаречена трајна протеза. Всушност, кога ногата ќе се прилагоди на неа би можел да имам релативно нормално функционирање, да се движам, да пливам и така натаму. Рехабилитацијата мора да е постојана бидејќи сега движењето ми е максимално ограничено. Претстои еден сериозен период на рехабилитација па приспособување на протезата и се надевам дека во летниот период ќе се стави трајната“, истакнува Саше.

Вели дека вкупната сума за протезата сѐ уште не му е позната бидејќи не се знае колкав дел би покрил Фондот.

„Моја е обврската да потпишам изјава дека сѐ што е над сумата која ја покрива Фондот ќе ја покријам јас преку форма на донации. Затоа е и оваа акција која се покрена со помош на колегите. Ова е најсовремена протеза која е неверојатно скапа, но е многу прилагодлива. Една од протезите која се нуди тука е пет килограми, а оваа е два кг што е навистина голема разлика бидејќи со петте килограми не можам да чекорам“, додава новинарот.

Движењето со дубак вистински предизвик, дури и една скала е голема препрека

Сега се движи со дубак и вели дека тоа е прилично сложено, така што дури секоја скала за него е препрека за која е потребна голема внимателност. На помош тука секако се и неговите блиски кои веќе му помогнале да направи промени во семејната куќа и да добие едно поудобно место за живеење.

-За да се симнам по скали морав да измислам свој „рецепт“ за да не ме носат две лица. Сега седнувам и од скала на скала се симнувам и качувам како кога децата се санкаат. Можам полека сам да се симнувам, иако со поголем напор. Ако седнам во количка реални се шансите за дисторзија на мускулите. Јас почнав како мало дете, чекор по чекор. Само каде што има препреки треба да ми се помага, а за мое добро е да одам – вели Димовски.

Според него, во ваква ситуација нема правила, па човек треба да си смисли свои „рецепти“ за излегување, влегување, седнување и тн…

„Имам свој нов начин да си земам сок или храна од фрижидер, но за сѐ секој ден правите нешто ново и нема правила за движење туку траекторијата сами си ја определувате. Треба и силна волја бидејќи ако човек залегне тоа би било голема трагедија за него“, смета Саше.

Патот за да стигне до тоа да се движи со дубак воопшто не бил лесен. По операцијата успеал да направи само пет чекори, но веќе следниот ден успеал да стигне до вратата на болничката соба, па потоа дури и до пултот намедицинските сестри.

„Тоа беше за мене нов шокирачки момент, морам да внимавам на секој праг, да не е лизгав подот. Со една нога, рамнотежата се губи и ако ја изгубам во секундата може да завршам на земја. Бев како дете кое почнува да проодува и од секој чекор се изненадува. Се движам полека, целата куќа ја преуредивме, поставивме држачи и форми на некакви рампи за да можам да се движам полека“, објаснува тој.

Ако човек залегне, тоа е трагедија

Несомнено тој сѐ уште е исправен пред големи предизвици со неговото физичко здравје, но го прашавме како го „изменаџирал“ стресот од целиот шок и како успева да остане позитивен и покрај енормната промена во неговото функционирање. Саше вели дека човек ако залегне, си прави трагедија сам на себе.

– Постојано користам компјутер и телефон, читам, пишувам. Посветен сум на апликации за проекти и ако не се „тренираат“ мозокот и мускулите паралелно, може само да се направи штета. Луѓето ако залегнат, тоа е најголемата грешка која може да ја направат – смета Димовски.

Кога докторите му кажале дека ќе треба да му ја ампутираат ногата, а не ни знаеле дали тоа ќе биде над или под колено, тој бил посетен и од психијатар чиј предлог за антидепресивна терапија тој категорично го одбил.

„Јас категорично одбив и ѝ кажав дека немам намера под дејство на антидепресиви да се смеам кога не ми се смее или да плачам кога не ми се плаче. Не сакам вештачки да се смеам со користење на какви било средства. Покрај сите пет операции од април до август јас не се напив седатив или антидепресив. Сметав дека ако имам болка треба да ја почувствувам и дека ако имам каква било емотивна реакција треба да ја изнесам од себе“, искрен е Саше.

„Мора луѓето да си најдат занимација, рачна изработка, интелектуална работа или што било за да ги тргне мислите на друга страна, да не плаче цело време бидејќи така ништо нема да се добие. Враќање во реалната животна состојба се постигнува со трезвено размислување и неоткажување“, порачува тој.

Правејќи една мала „ретроспектива“, Саше вели дека сѐ се случило преку ноќ откако добил црвенило на ногата, болка и оток, но и покачена телесна температура.

-Бев итно хоспитализиран на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и дијагнозата беше сепса. Тоа беше напишано со големи букви во отпусното писмо. Докторката Пејкова ми кажа дека тоа е ситуација каде тешко се спасуваат пациентите, па затоа и тешко се одвиваше лекувањето. Добивме извештај дека се работи за грам позитивни и грам негативни бактерии без да се наведат кои се, но беше даден антибиотик кој би одговарал за да се спречи бактеријата. Прашав што значи ова грам позитивни и грам негативни бактерии па добив еден интересен одговор дека станува збор за „свадба на бактерии каде се собрани од сите страни“. Тоа е еден таков хаос кој го уништува организмот – објаснува Саше.

-Ми рекоа „или ногата или главата“ бидејќи ако не се ампутираше ногата ќе беше сериозна опасноста за целиот организам и прашање ќе беше дали денеска ќе разговаравме – додава тој.

„Да му помогнеме на новинарот Саше Димовски да прооди“ – апел до хуманите граѓани

Овој новинар веќе со години наназад отворено зборува и за проблемите со дијабетот, па го прашавме дали ваквата состојба е поврзана со тоа, а тој вели дека поврзаноста е минимална, но сепак дијабетот е „тивок убиец“ со кој се соочуваат сѐ повеќе луѓе.

„Има минимална поврзаност, но не беше дијабетот главен проблем бидејќи проблемот беше труење на крвта од бактерија која заврши на коските и ги направи сите проблеми. Дијабетот во секој случај е проблем и мора да се држи под контрола. Да напоменам дека со ампутацијата и шеќерот неколку дена беше константен и потоа почна да се намалува бидејќи беше отстрането жариштето. Сега е многу подобро, јас веќе сум на инсулинска неколку години. За жал, од година во година се зголемува бројот на луѓе со дијабет, независно дали е наследен или е дијабет тип 2 преку стрес“, вели Саше.

Разговорот со него го реализираме во пресрет на Светскиот ден на дијабетот, 14-ти ноември, па тој апелира дека ова е болест на модерното време за кое мора јавно да се зборува.

„Мислам дека со внесот на храна внимавав и внимавам, па тоа не придонесува за кревање на вредностите на шеќерот, но да се надеваме дека терапијата е релативно погодена. Јас зборувам јавно за ова бидејќи е една од модерните болести кои ги предизвикува времето во кое работиме. Секоја професија е стресна, нашата е многу постресна. Проблемот со шеќерот не може да се искорени, но може да се регулира со терапија“, заклучува Димовски.

Вели дека дијабетот е болест од која немате болка, а сепак таа го разорува целиот организам. И покрај сите тешкотии, Димовски останува со силна волја нештата во неговиот живот да функционираат барем приближно до начинот на кој функционирале до оваа пролет, кога всушност и се случува пресвртот во неговиот живот.

Хуманите граѓани кои сакаат да му помогнат, можат тоа да го сторат со донации на следниве сметки:

Денарска: 250101000288259

Девизна: 1408000644660

SWIFT: INSBMK22

IBAN 07250780006446692

Шпаркасе банка Македонија

Освен тоа, граѓаните ќе може да донираат и во рамките на Хуманитарниот базар кој ќе се одржи во недела со почеток во 13 часот во Броз кафе во Скопје. Собраните средства освен за помош на Димовски, ќе бидат распоредени и за помош на уште четири други лица.

 

Вања Мицевска