Сите повеќепати сме ја слушнале реченицата „среќата со пари не се купува“. И навистина е така, парите не се единствената работа која може да ве усреќи, но подеднакво вистинито е и дека парите се потребни. Психологот Даниел Гилберт од Харвард, објаснува дека парите ни пружат прилика за среќа.
За него парите се прилика која луѓето „рутински“ ја расипуваат поради тоа што мислат дека работите за кои мислат дека ќе ги направат среќни, често се испоставува дека не се такви. Гилберт советува како да ги трошиме парите за да бидеме посреќни на полето на финансиите, но и позадоволни со она што го имаме, а истовремено и свесни дека можеме да имаме и повеќе.
Кои совети ги дава психологот Гилберт за да имаме повеќе среќа со парите:
Купувајте искуства наместо работи
Во рамките на анкета во која биле опфатени над илјада Американци, 57 отсто од испитаниците рекле дека искусиле поголема среќа со патувања, концерти или други животни случувања, отколку со купување на предмети или автомобили. Повеќе ги сакаме искуствата бидејќи нив ги паметиме.
Трошете ги парите да им помогнете и на другите, не само на себе
Среќата на секој човек се збогатува со врските кои ги создава. Негувањето на тие врски е добар начин за да ги потрошите своите пари. Некои истражувања покажуваат дека трошењето пари на другите луѓе ги активира центрите за надградување на вашиот мозок, па кога им помагате на другите, имате чувство дека правите нешто добро и вредно.
Купете повеќе мали задоволства наместо неколку големи
За да ја ускладите среќата со парите, купете неколку мали работи кои ве радуваат. Купете си нешто што одамна го сакате, некоја ситница која ќе ви го разубави денот. Ваквите мали „дарувања“ ќе ве поттикнат да бидете поблагодарни за малите работи.
Платете сега, конзумирајте подоцна
Многу психолошки теории покажуваат дека одложувањето на задоволствата води до поуспешен и посреќен живот. Подобро е да платите сега, а да конзумирате подоцна, отколку нештото да го конзумирате сега, а за него да платите подоцна. Ова особено се однесува на купувањето на рати бидејќи продолжувате да плаќате за нешто кое веќе сте го искористиле, а тоа задоволство веќе поминало. Иако се работи за скапи нешта, како автомобил, мобилен телефон и слично, тоа нешто веќе станало дел од вашиот живот и не ја чувствувате првичната возбуда.
Размислете како е всушност да ја поседувате онаа работа која сакате да ја купите
Кога замислуваме колку би било прекрасно да поседуваме нешто, ние често ги забораваме деталите, а среќата е токму во нив! Пред да купите нешто, замислете какви чувства би можело тоа купување да ви донесе. На пример, сакате да имате викендичка на планина. Затворете ги очите и замислете како таа изгледа, замислете го каминот и обидете се да ја почувствувате топлината, визуелизирајте го погледот од прозорот. Визуелизацијата може да биде прекрасна мотивација.
Престанете да ги споредувате работите во текот на купувањето
Промената на психолошкиот контекст во кој се носат одлуките, споредбата која се прави при купувањето, може да го одврати потрошувачот од купување на производ кој може да биде важен за неговата среќа. На пример, ако одите и разгледувате куќи ставени на продажба, можеби ќе ја купите онаа која е најубава од сите и ќе земете голем кредит за да го направите тоа, наместо да потрошите значително помала сума на поскромен дом кој би ви ја донел истата среќа.
Прашајте ги своите пријатели
Истражувањата покажуваат дека најдобар начин да предвидите колку ќе уживате во едно искуство, е да видите колку некој друг уживал во него.
На пример, пријателите кои добро ве познаваат, може да ви препорачаат одредено патување, да ви дадат важни информации бидејќи знаат какви активности би можеле да ве усреќат. Значи, ако не сте сигурни како да ги потрошите парите, секогаш можете за совет да ги прашате блиските пријатели.
Извор: sensa.mondo.rs
Фото: Pixabay