Како да се ослободите од стресот и паниката? Со едноставни чекори надминете ги тешките моменти, советува познат психијатар – ММС
ММС

Објавено на: 11/19/22 10:23 AM

Како да се ослободите од стресот и паниката? Со едноставни чекори надминете ги тешките моменти, советува познат психијатар

Австрискиот психијатар Виктор Франкл на 37 години станал заробеник во концентрационен логор, каде го изгубил целото семејство.

Тој истражувал како луѓето во тешки животни ситуации може да ја сочуваат вербата и со оптимизам да се изборат со паниката и очајот. Тој ја основал таканаречената логотерапија, која се смета за австриска школа за психотерапија и претпоставува дека човекот може да најде цел и смисла во секој момент од животот.

Според овој психијатар, кога сте во кризна ситуација на нервоза и паника треба да ги примените следните три чекори:

Прифатете ја ситуацијата

Виктор Франкл верувал дека на патот кон среќен живот, стојат две работи – тоа се болните искуства од минатото и вознемиреност во врска со иднината. Доколку постојано размислувате за минатото, за грешките, за пропустите и фрустрациите, значи дека она што некогаш ве мачело, ве тера повторно да доживувате непријатни моменти, а сето ова одзема многу енергија.

Многу луѓе ја прават оваа грешка која ги спречува да се справат со стресот. Размислуваат за тоа како можеле да ги избегнат проблемите во минатото со цел да спречат некоја таква слична ситуација во сегашноста. Добро е да ги анализирате своите грешки, но немојте да се фокусирате на нив. За да ги избегнете непријатните емоционални искуства, би требало да ја прифатите ситуацијата и да сфатите дека веќе се случила. Кога личноста ќе ги прифати околностите, во мозокот отпочнуваат нови процеси кои ќе овозможат да пронајдете нови начини за решавање на проблемите.

Не размислувајте за неизвесната иднина

Анксиозноста дополнително ја отежнува и ја преувеличува ситуацијата. Со самото размислување за најлошиот исход, се плашиме дека грешките ќе се повторат, дека ќе доживееме пораз, а тоа ќе нѐ воведе во уште поголема состојба на анксиозност. Како што не треба да се враќаме во минатото, така не е ни добро да живееме во иднината. Застрашувачките мисли за тоа што би можело да се случи, го спречуваат нашиот напредок. Овде може да биде од помош водењето дневник, фокусирањето на секојдневните задачи или вежби за дишење.

Вашите проблеми не се единствени

Човек сака да мисли дека неговите проблеми се единствени, а всушност, токму сега можеби илјадници луѓе доживуваат слична емоционална преобразба. Затоа слободно споделете ги своите искуства и не одбивајте помош. Бидете им благодарни на оние кои ви помагаат во тешките моменти. Во меѓувреме, обидете се да комуницирате што повеќе со роднините и пријателите, барајте нови познанства…Комуникацијата може да ви помогне да се ослободите од напнатоста.

Виктор Франкл сметал дека кога личноста ќе го надмине стресот, може да живее во својот полн потенцијал.

 

Извор: sensa.mondo.rs