Македонската женска ракометна репрезентација загуби вечерва во Скопје од Романија со 31-23 (13-12) и со три порази во рамки на групата Ц го заврши настапот на Европското првенство.
По воведните два натпревари против Франција и Холандија во кои од самиот почеток беа резултатски инфериорни, избраничките на селекторот Љубомир Савевски влегоа максимално мотивирани во дуелот со Романките и беа рамноправен противник во првото полувреме.
По воведните 15 минути резултатот беше израмнет (7-7), и иако Романија со серија од 3-0 поведе со 11-8, а потоа и 12-9, македонските ракометарки го одиграа најквалитетното полувреме на Европското првенство и на пауза заминаа со гол негатива.
Второто полувреме почна со фантастична одбрана на Јована Мицевска, но, на спротивната страна се разбрани и романскиот голман Дачиана Хосу, која во серија одбрани пет „зицери“, а противникот постепено го зголемуваше водството за високи +5 (22 – 17) на средина од вториот дел.
Романките до крајот на натпреварот рутински ја задржаа предноста и со конечниот триумф го обезбедија третото место во групата Ц и пласман во втората фаза на Европското првенство.
Најефикасни во македонските редови беа Сања Дабевска со седум и Симона Маџовска со шест погодоци.
Пласман во следната фаза од групата на Европското првенство која се игра во Скопје обезбедија и Франција и Холандија, а двете репрезентации вечерва во директен дуел од 20:30 часот ќе играат за првото место.
МИА
Фото: Вангел Тануровски