„Насилството не е само штетно за жртвата, туку е симптом на болно општество“- Со м-р Неда Петковска за новите форми на насилство врз жените – ММС
ММС

Објавено на: 11/9/22 12:18 PM

„Насилството не е само штетно за жртвата, туку е симптом на болно општество“- Со м-р Неда Петковска за новите форми на насилство врз жените

Ноември е месец во кој на глобално ниво, институциите и невладините организации спроведуваат кампањи за борба против насилството врз жените. Со навлегувањето на дигитализацијата во сите општествени сфери, родово базираното насилство доби нова димензија со што жените веќе се жртви и на онлајн насилство, кое зеде замав последните две години.

За тоа како да го препознаеме ваквото насилство, како тоа се одразува врз жртвите и колку актуелната домашна легислатива е доволна за да бидат жените заштитени, разговараме со м-р Неда Петковска, проектна координаторка во ХОПС, со фокус на проекти за родова еднаквост.

Како дигитализацијата му даде нова димензија на насилството врз жените? Како една жена да препознае дали е жртва на насилство во интернет просторот?

-Со нудењето иновативни и разни алатки кои не се толку лесно или воопшто возможни во физичкиот свет, дигитализацијата отвара нова димензија на човековото живеење, па и со тоа на сите аспекти од живеењето, вклучувајќи ги и позитивните и негативните моменти како што е родово-базираното насилство. На пример, дигитализацијата нуди релативна анонимност (во секој случај поголема анонимност од физичкиот простор), па кога се работи за насилство во дигиталниот простор ова му дава нова и пострашна димензија на насилството; имено, многу е лесно жртвата не само да не знае кој е насилникот, туку и да нема никаква претстава за него, односно не знае од каде доаѓа теророт, колку луѓе се вмешани, на кој начин, итн.

Дополнително, дигитализацијата нуди една плејада на информации и платформи, па тешко е да се знае која информација каде е пласирана. И ова од аспект на насилство значи дека жртвата може и да не е свесна дека е жртва сѐ додека информациите не стигнат до неа. Таков пример се случаи со revenge porn, кога содржина од сексуална природа која ја претставува жртвата и може или не мора да се базира на реалност, се пласира на платформи за порнографија или разни онлајн чатови меѓу групи на (најчесто) мажи од страна на насилникот.

Жртвата многу често може и да не е свесна за стореното насилство и да стане свесна дури откако ќе биде двојно виктимизирана од страна на сите учесници во насилството. Ова се само неколку примери и аспекти, секако има и многу други начини на кои дигитализацијата дава нова димензија на насилството – во моментов според мене не гледам толку напредок во смисла на тоа дигитализацијата да се употреби за искоренување насилство, туку пред сѐ се употребува за репродукција на насилство. Но, верувам дека може да примени во насока на креирање добра пракса и ставање крај на сите форми на насилство.

Во однос на тоа како една жена да препознае дали е жртва – како што кажав и претходно, понекогаш тоа е навистина тешко, особено ако жртвата не е свесна првично за извршениот акт на насилство. Како и да е, битно е пред сѐ, жените да се информирани/едуцирани за разните форми и начини на кои насилството се случува во онлајн просторот за да можат полесно да го препознаваат кога се случува. Понатаму, постојат разни алатки и сајтови каде некоја жена може да проверува кој е нејзиниот т.н. инернет отисок (internet footprint), односно кои информации се достапни за неа онлајн. Говорењето гласно за своите искуства и особено пред други жени кои се родово-сензитивни исто така може да помогне за препознавање за насилството. Секако, сите овие методи на препознавање, се на товар на жените кои се потенцијални жртви, а тоа не би требало да е така, но во услови кога институциите не преземаат многу за заштита на жените од родово-базирано насилство, битно е жените самите да бидат опремени со информации и алатки за некој вид на само-одбрана.

И сите ние како граѓани имаме влијание врз тоа дали и колку некоја жена ќе препознае дека е жртва, преку нашата лична информираност и сензитивност, и поради тоа имаме должност да препознаеме родово-базирано насилство и да понудиме поддршка и разбирање. Особено ова се однесува кон ранливи категории на жени кои се под поголем ризик од родово-базирано насилство како што се жени со понизок социјален статус, жени во социјален ризик, сексуални работнички, малолетни жени, жени кои употребуваат дроги, итн.

Годинава во земјава се донесоа законски измени кои имаат за цел, превенција на формите на насилство кои се родово базирани. Според Вас, колку нашата законска регулатива им овозможува заштита на жените кои доживуваат насилство во виртуелниот свет?

-Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство во член 20 го регулира насилството врз жените во онлајн просторот, и тоа како: „Сексуално вознемирување преку интернет [што] е секое вербално, невербално или друго постапување од сексуална природа, што има за цел или последица, повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика, преку електронските средства за комуникација;“. Ова значи, дека нашата регулатива, барем во однос на граѓанското право, има основа за заштита на жртвите од насилство во дигиталниот простор.

Сепак, Истанбулската конвенција (на која Македонија е потписничка), во членот 40, го криминализира секој облик на сексуално вознемирување што подразбира дека при усогласување на домашното право со Конвенцијата, сексуалното вознемирување, вклучително и преку интернет, треба да претставува облик на родово-базирано насилство (РБН) којшто е санкциониран според домашниот Кривичен законик (КЗ). Ова сѐ уште не е случајот кај нас. И покрај најавите за измени на Кривичниот законик во насока на криминализирање на сексуалното вознемирување и демнење, последната верзија на КЗ која е поставена на јавниот сервис ЕНЕР, не го вклучува вознемирувањето врз жените во онлајн просторот како родово-базирано насилство. Ова во пракса значи ограничување за соодветна заштита на жртвите на онлајн родово-базирано насилство бидејќи во случај на насилство, жртвата може самата да води судска граѓанска постапка против сторителот (а тоа е доколку знае кој е) или да се потпре на знаењето на Центрите за социјална работа кои често не го препознаваат родово-базираното насилство воопшто, а не пак во дигиталниот простор. Дури и да се докаже сторено насилство, сторителот нема да биде гонет кривично за вакво дело. И тоа е само почетокот на нештата.

Овде мора да ги имаме предвид ограничувањата и стереотипите присутни кај судовите во поглед на носење информирана и правична одлука, достапноста на информации, соработката со други институции, свеста на граѓаните, итн. Заклучокот е, дека и покрај тоа што имаме некаква основа за законска заштита на жртвите од онлајн РБН, таа не е доволно и на хартија, а уште помалку во пракса.

Дали дигиталното насилство може да стане и „офлајн“, односно да добие и физичка димензија, со што дополнително би се загрозила безбедноста на жените?

-Секако дека да. И тоа не само што ја доведува дополнително безбедноста на жртвата во прашање туку и многу лесно може да се случи да го зголеми обемот и видот на насилството. Често дигиталното насилството вклучува повеќе сторители. Личните информации и други податоци од жртвите се споделуваат онлајн меѓу повеќе корисници и сите тие се потенцијални сторители на родово-базирано насилство кои можат да ги искористат податоците вклучително и за идентификување и пронаоѓање на жртвата во физичкиот простор. За разлика, кога при класично насилство, сторителот често и се крие дека е насилник, во онлајн просторот, насилниците скриени под превезот на анонимност се горди на насилството што го вршат и ова може да биде многу опасно за жртвата во физичкиот простор. Особено во поглед на облици на насилство како што се демнење и сексуално вознемирување.

Како сето ова влијае врз менталното здравје на жените, дали може да се одрази врз нивното нормално функционирање во секојдневието (пример да се јави страв, анксиозност и слично)?

-Бројни студии покажуваат цврста корелација и причинско последична врска меѓу преживувањето насилство и штетни, па некогаш и трајни последици по менталното здравје на жртвата.

Иако јас не сум психолог по тренинг за да дадам стручно мислење, доказите говорат за нарушена функционалност, како психичка така и физичка, хормонални пореметувања, анксиозност, депресија, страв, пост-трауматски синдром на стрес, долгорочен стрес кој потоа влијае на сите функции на телото и доведува во ризик од кардиоваскуларни заболувања, автоимуни заболувања, проблеми со меморијата, хипертензија, итн. Мораме како општество да сфатиме сериозно кои се последиците дури и од некоја „најблага“ форма на насилство и да разбереме дека родово-базираното насилство не само што е штетно и загрозувачко по живот за жртвата, туку е симптом на болно општество исто така.

Ако направиме паралела со годините наназад, дали може да се каже дека пандемијата дополнително го интензивираше дигиталното насилство, имајќи предвид дека ни беа намалени социјалните интеракции?

-Со почетокот на пандемијата и кризата предизвикана со ковид-19 во март 2020 година, најголемиот дел од луѓето ги префрлија своите лични и професионални активности онлајн. Поради ваквата промена на контекстот, беше видлив значаен пораст на случаите на дигитално родово-базирано насилство на глобално ниво. Помалку загрижувачка не беше ни ситуацијата во нашата држава. Случајот на споделување експлицитни фотографии и лични контакти во групата „Јавна Соба“ на платформата Телеграм е еден од многуте, кој не само што не доби разрешување во тоа време, туку за време на пандемијата се реактивираше со поголем број насилници во повеќе групи на платформата. Така што, дефинитивно може да се тврди дека пандемијата го интензивираше дигиталното насилство.

Дополнително, иако пандемијата помина за повеќето од нас, економско-енергетската криза со која се соочуваме сега, има уште поразорна моќ за амплифицирање на насилството врз жените. Постојат податоци кои упатуваат на тоа дека во економска криза и во услови на сиромаштија, жените се неколкупати повеќе изложени на ризик од насилство. Освен очигледното – економско насилство, за жал често во вакви услови жените се и жртви на физичко, психичко и сексуално семејно и родово-базирано насилство.

Минатата година македонската јавност беше разбранувана со случајот „Јавна соба“, кој на почетокот од оваа година доби и судска разрешница, каде две лица добија осудителна пресуда. Според Вас, дали ова беше позитивен чекор за охрабрување на жртвите и генерално, до каде сме со казнивоста на дигиталното насилство? Постои ли свест и волја кај институциите за поголема ажурност во постапувањето при вакви случаи?

-Според мене ова беше само еден мал и почетен чекор кон решавање на поголемиот проблем. Секако за поздрав е одлуката, иако таа се однесуваше само на првиот случај „Јавна соба“, но сметам дека да не беше притисокот во јавноста од страна на женските граѓански организации, платформи, и активисти за човекови права, случајот ќе беше игнориран од стана на институциите како што и се игнорираат многу случаи постојано.

Насилство врз жени се случува секојдневно, а ние повеќе слушаме за непостапување на институциите отколку што гледаме позитивна разрешница со соодветна санкција за сторителите. Оттука би рекла дека волја и свест кај институциите не постои, туку она малку позитивно што е постигнато досега се должи на индивидуалци од институциите кои имаат родово изградена свест за прашањето, како и на активистите против насилство од граѓанскиот сектор.

Како би можеле да ја зголемиме свеста за ова прашање кај младите, дали може да се влијае во оваа насока преку воспитно-образовниот процес за да превенираме вакви случаи во иднина?

-Младите се клучни за решавање на проблемот. Насилството се гледа и учи од најмали нозе, а како агенси понекогаш се домот, училиштето, личното опркужување и тн. Поради ова е многу битно да се почне со работа колку што е можно порано во согласност со психо-физичкиот развој на децата. Воведувањето сеопфатно сексуално образование во воспитно-образовниот процес ќе придонесе кон намалување на насилството и најглавно кон превенција. Многу од содржините при изучување сеопфатно сексуално образование се фокусираат на превенција, бидејќи кога еднаш насилството е сторено, последицата може да е трајна, па затоа превенцијата е клучна. Таа најдобро се гради преку образованието и воспитувањето на младите.

Дополнително, потребно е градење на капацитетите на наставниот кадар и другите лица вклучени во образовниот процес во насока на нивна едукација и соодветна примена на одобрените наставни програми со цел препознавање на системот на заштита, а имајќи ја предвид нивната значајна улога врз развојот на учениците. Со ваков пристап што ќе ги вклучи и учениците, и учителите и родителите, може да се постигне многу во насока на искоренување на насилството врз девојчињата и жените.

 

Вања Мицевска

Фото: Приватна архива / Freepik