ЕБОР ги повлече парите, пропаднаа 100 милиони евра за надминување на енергетската криза, вели Ковачевски – ММС
ММС

Објавено на: 11/9/22 12:12 PM

ЕБОР ги повлече парите, пропаднаа 100 милиони евра за надминување на енергетската криза, вели Ковачевски

Заради неодговорното однесување на опозицијата, изгубени се средствата од кредитот од 100 милиони евра што земјава требаше да го добие од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за надминување на енергетската криза, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

На прес-конференцијата во Владата, Ковачевски нагласи дека кредитот бил обезбеден под најдобри можни услови, но поради тоа што законот беше блокиран во Собранието од страна на опозицијата, ЕБОР ги има повлечено тие средства и пренаменето.

Според Ковачевски, образложението на опозицијата за блокирање на законот, е неоправдано затоа што во документите доставени до Собранието бил приложен и документ во кој било наведено дека РЕК Битола, Осмолеј и ТЕЦ Неготино ќе бидат дел од ревидираната национална стратегија и дека користењето на овие енергетски капацитети ќе биде продолжен.

– Причината што ја наведува опозицијата е апсолутно невистинита затоа што тие наведуваат дека согласно со Националната стратегија за енергетика треба сукцесивно да се затвораат старите капацитети за производство на електрична енергија од лигнит и јаглен. Такви национални стратегии имаат сите европски држави бидејќи тоа е дел од Зелениот договор и од стратегијата на ЕУ. Овие национални стратегии се правени во време кога немаше војна во Украина и кога немаше енергетска и економска криза. Затоа со писмо од министерот за економија, кое исто така е наведено во документите доставени во Собранието, е јасно наведено дека РЕК Битола, Осломеј и ТЕЦ Неготино ќе бидат дел од ревидираната национална стратегија која Владата ќе ја подготвува со експерти при што во неа работниот век и користењето на овие капацитети ќе биде продолжен, рече Ковачевски.

Посочи дека Владата има јасен план за справување со кризата и дека производството на ЕСМ е зголемено за нешто над 25 проценти со што се задоволени потребите на конзумот на регулираниот пазар.

– Досега во текот на изминатите неколку месеци, немаше увоз на електрична енергија за регулираниот пазар. Тоа знаи дека она што Владата го постави како план, тоа и го остварува. Да не заборавиме дека досега немавме ниту еден ден без електрична енергија, иако во регионот имаше држави коишто имаа и по шест часа рестрикции во текот на денот, рече Ковачевски.