Клиника Жан Митрев ниту денар нема земено повеќе од пациентите за време на пандемијата, дури ниту поради погрешна финансиска пресметка.
И Управата за јавни приходи како и независни вештаци утврдија дека секој депозит што е земен а не бил искористен, до денар е вратен на пациентите.
Стотици странски државјани дојдоа за време на Ковид и за нивното лекување платија реномирани меѓународни осигурителни компании од Англија, Германија, Италија, Швајцарија, ова е показател за ревносното финансиско работење на Клиниката, а успешноста на лекувањето воопшто не било ниту тема за разговор.
Ова денес го кажа Жан Митрев, на брифинг со новинарите.
Тој додаде и дека:
„Во 2020 година на нашите пациенти им вративме над 2 милиони евра, во 2021 година вративме 3 милиони и 200 илјади евра од аванси. За какво профитерство се зборува овде, доколку сме сакале да направиме нешто зар ќе им вратевме на пациентите 5 милиони и 200 илјади евра во време на Ковид. Срам да им е на сите кои нè обвинуваат за профитерство“, нагласи д-р Жан Митрев и додаде:
-Во текот на лекувањето на пациентите ништо не е направено вон насоките и процедурите. Со процесот на хемофилтрацијата се спасени човечки животи. Тоа се потврдува и со смртноста којашто во клиниката е ниска во време на КОВИД. Според деталните болнички извештаи во „Жан Митрев“ клиника биле хоспитализирани вкупно 1738 третирани пациенти, од кои 1296 преживеале, со што стапката на успех во третманот на пациентите со компликации од Ковид-19 во Жан Митрев клиника изнесува 74,6%, рече тој.
Од пациентите кои се третирале од Ковид-19 во Клиника „Жан Митрев“, 294 пациенти или 47% претходно биле хоспитализирани во други болнички установи.
–Бактериските инфекции во време на КОВИД беа поради имунодефицитна состојба на пациентите како последица на прекумерно користење антибиотици и кортикостероиди. Во „Жан Митрев“ клиника, рече тој, никој не криел интрахоспитални инфекции, во КОВИД пандемијата најголем број од инфекциите пациентите веќе ги имаа со себе и беа третирани соодветно.
„Горд сум што успеав да воспоставам нови стандарди во приватниот здравствен сектор со подигнување на нивото на квалитет на услугите. Среќен сум што зад мене има тим на врвни професионалци кои секојдневно се борат за човечки животи. И навистина ми паѓа тешко кога некој нè обвинува дека сме заработувале на нечија туѓа несреќа. Ова се фактите и бројките што говорат за тоа како се одвиваше лекувањето и третманот на пациентите во Жан Митрев клиника. Со овие бројки располагаат и институциите и тие ќе ја докажат вистината“, потенцира д-р Митрев.