„Плачев секоја вечер, школото беше затвор за мене“ – Исповед на девојка, која без рака и покуса нога стана успешен модел – ММС
ММС

Објавено на: 11/8/22 2:00 PM

„Плачев секоја вечер, школото беше затвор за мене“ – Исповед на девојка, која без рака и покуса нога стана успешен модел

Јужноафриканката Зизифо Солдат, родена со ретко заболување на скелетот, наречено фокомелија, денес е успешен модел.

Оваа млада девојка од Јоханесбург нема една рака, а левата нога ѝ е многу покуса од десната. Поради тоа, како дете често имала проблеми со врсниците кои ја исмевале поради нејзиниот изглед…

– Кога бев помлада, отсекогаш знаев дека сум поинаква. Кога појдов на училиште и почнав да зборувам англиски, истражував и дознав повеќе за мојата состојба. Инаку, потекнувам од сиромашно семејство и немавме средства за физикална терапија што ми е потребна, изјави таа за „Дејли стар“.

Вели дека врсничкото насилство било постојано, а децата мислеле дека имаат право да кажат што сакаат.

– Ми требаше „вечност“ за да најдам пријатели. Плачев секоја вечер. Бев многу ранлива на училиште. Тоа беше како затвор за мене. Се чувствував осамено. Ме тормозеа и физички и емоционално. Јас едноставно не можев да се одбранам. Но, другарка ме поттикна да почнам да објавувам фотографии на интернет, како што тоа го прават американските „инфлуенсери“ со попреченост, раскажува Солдат (27).
Зизифо денес има договор со две агенции за модели – едната во Африка, а другата во САД. Соработува со бројни брендови.

– На почетокот бев многу несигурна, но сликите на кои го покажувам целото мое тело секогаш добиваат најмногу лајкови. Тоа ме поттикна и денес се чувствувам како сосем друга личност, полна самоувереност, вели таа.

На почетокот не е лесно, вели, но вреди „да излезете од вашиот простор на удобност“ и да се обидете со тоа што ве прави среќни.

МИА