Ѓеорѓијев: За стабилно функционирање на ШКБ, буџетот за 2023 година ќе треба да се зголеми за 50 милиони денари – ММС
ММС

Објавено на: 11/3/22 6:00 PM

Ѓеорѓијев: За стабилно функционирање на ШКБ, буџетот за 2023 година ќе треба да се зголеми за 50 милиони денари

За три месеци долгот за струја на штипската Клиничка болница е речиси 10 милиони денари, вели директорот Ален Ѓеорѓијев.

Сметките за струја, по месеци за речиси исто потрошени мегават часови се со енормни разлики. Ако во јуни сметката била нешто повеќе од два милиони денари, во август достигнала речиси пет милиони денари. Но, поставената буџетска рамка сѐ уште не е надмината, вели Ѓеорѓијев.

„Предвидовме околу 50 до 55 милиони денари за струја оваа година. Сѐ уште може да ги плаќаме сметките бидејќи до пред крајот на годината сме, а не сме ја надминале таа предвидена рамка, вели Ѓеорѓијев.

Долгот од ковид кризата, сметките за електрична енергија, но и дефектите на три важни апарати за дијагностика на пациентите се причини поради кои раководството на Клиничка болница-Штип се соочува со проблеми, но според директорот на болницата, Ален Ѓеорѓијев успеваат да ги надминат.

Дополнителен проблем е што во рок од три месеци за поправка се три апарати, чиј сервис чини повеќе од 20 милиони денари.

„Не е само ковидот и енергетската криза, некогаш и лош сплет на околности може да доведат до покачување на долговите. Во рок од три месеца трите апарати чиишто сервис е најскап, апаратот за магнетна резонанца, за ангеографија и апаратот за компјутерска томографија имаат дефект. За сите апарати да се поправат потребни се 20 милиони денари. Апаратот за магнетна резонанца го ставивме веќе во функција, за ангеографија-поправката е направена, чекаме да биде испратена од сервисерот. Цевката за компјутерскиот томограф чини 10,5 милиони денари и средствата средствата од Фондот се веќе одобрени,“ вели Ѓеорѓијев.

За нормално и стабилно функционирање на Болницата, смета дека ќе биде потребно зголемување на буџетот за идната година за  40 до 50 милиони денари. Лани буџетот на штипската Клиничка болница изнесувал над 512 милиони денари од Фондот за здравство и 30 до 40 милиони денари  сопствени средства.