Македонија преку Бугарија ќе добива 500.000 кубни метри гас дневно – ММС
ММС

Објавено на: 10/31/22 2:06 PM

Македонија преку Бугарија ќе добива 500.000 кубни метри гас дневно

Земјава ќе може да се снабдува од повеќе извори на гас преку Бугарија. Ова е овозможено по денешното потпишување на Договорот за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на Интерконективна точка Ќустендил-Жидилово помеѓу ГА-МА АД и Буглартрансгаз ЕАД.
Договорот го потпишаа извршниот директор на ГА-МА АД Скопје, Александар Арсиќ и извршниот директор на Булгартрансгаз, Владимир Малинов, а присуствуваше и извршниот директор на Национални енергетски ресурси АД Скопје, Бајрам Реџепи. Документот беше потпишан во присуство на министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за енергетика на Бугарија Росен Христов и македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси-Поповска.
„Потпишувањето на овој договор е од големо значење бидејќи отвора можност за зголемување на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, како и ослободување на дополнителни капацитети за користење од повеќе снабдувачи и диверсификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни на пазарот на природен гас во Република Бугарија, рече министерот за економија Крешник Бектеши на денешното потпишување на договорот во Софија.

миа