Ненад Коциќ, пратеник од СДСМ во емисијата „Стадион“ на Канал 77 покажа фотографии, на кои како што тврди, со Љупчо Ѓеоргиевски, претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола се сликани Христијан Мицкоски и Александар Пандов. Коциќ покажа и фотографија на која Ѓеоргиевски е во друштво со луѓе кои носат маички со ликот на Ванчо Михајлов и сугерираше дека поддржувачите на Ванчо Михајлов, се блиски луѓе на ВМРО ДППМНЕ, кои сега отворија истоимен бугарски клуб во Битола.
-Тоа се поддржувачи на ликот и делото на Ванчо Михајлов. Долу (покажувајќи на фотографијата н.з.) еден од луѓето е сликан со Христијан Мицкоски. Истиот поддржувач на Ванчо Михајлов е сликан со вас. Очигледно е дека поддржувачите се ваши блиски луѓе. Тоа се луѓе кои биле сликани со вас. Вие сликате со телефонот, рече Коциќ обраќајќи се до Пандов, кој пак праша:
-Дали ти според тоа заклучуваш дека ние ги поддржуваме бугарските клубови во Македонија?, го праша Пандов.
-Се сомневам, одговори Коциќ.
Пандов тогаш му одговори на Коциќ дека има сосема погрешни информации, бидејќи човекот на сликата со него е словенечки државјанин, а не Ѓеоргиевски.
-Одговорно тврдам дека не е тој човек (Љупчо Ѓеоргиевски н.з.). На сликата е Томче Грожман, проверлива работа е, нема врска со Љупчо Ѓеоргиевски. Друг човек покажуваш, рече Пандов „Стадион.
Тој најави дека утре ќе патува за Благоевград, Бугарија, на отворањето на македонскиот клуб. Таму, како што најави Пандов, ќе бидат и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, други јавни личности, а како што разбрал од медиумите и претставници на партијата Левица.
Крајно внимателно е избрано името на клубот Никола Вапцаров. Немаше покана. Мицкоски не доби посебна покана. Имаше нивни оглас и покана секој Македонец да ги поддржи. Бугарија ни тврди дека Бугарите во Македонија биле дискриминирани. Треба да се потсетиме дека огромен број на Македонци им е направена асимилација и сега повторно има одреден процент кои се доживуваат како Македонци, ја прифаќаат историјата како засебна на македонскиот народ. И сега во една таква Бугарија, ние како Македонци, поготово тие што сме активни чинители – секој кој е гласноговорник и говори колку е лошо тоа што Бугарија го прави, мислам дека е потребно да се отиде таму и да се даде поддршка, рече Александар Пандов.
Објавено на: 10/29/22 12:12 PM