Карциномот не е само болест на телото, туку и на душата – Пендаровски и сопругата на средба со членки на Здружението „Љубов сме – Jemi dashuri“ – ММС
ММС

Објавено на: 10/27/22 6:58 PM

Карциномот не е само болест на телото, туку и на душата – Пендаровски и сопругата на средба со членки на Здружението „Љубов сме – Jemi dashuri“

„Ако не функционираат институциите, ние нема да имаме поддршка“, порачаа денеска жените со рак на дојка.

Симболично тие ѝ подарија „цвеќе на животот“ на првата дама, проф. д-р Елизабета Ѓеоргиевска во рамките на посетата на претседателскиот кабинет.

Шефот на државата Стево Пендаровски и неговата сопруга Ѓеоргиевска одблизу се запознаа со предизвиците кои ги носи карциномот на дојка, а кои беа објаснети не само од пациентите кои го посетија кабинетот, но и од нивните онколози. Недостигот на апарати и на кадар, недволните средства кои ги издвојува државата за терапии и потешкотиите при остварувањето на социјалните права се само дел од недостатоците на кои укажаа жените кои го поминуваат ваквиот трнлив пат. Пациентите од здружението „Љубов сме/Jemi dashuri“ за помош и поддршка на заболени од карцином,  истакнаа дека кога се добива дијагнозата, од неа е засегнато целото семејство, а не само пациентот.

„Опаѓањето на косата за некои жени е навистина тешко, особено за оние кои имаат мали деца и за кои таквата глетка е жална. Цените на периките растат и затоа би било добро надлежните да овозможат финансиска поддршка во овој дел, бидејќи ние не ја носиме периката затоа што така сакаме, туку затоа што косата паѓа поради терапиите, а тоа е дополнителен товар во трошоците кои ги носи болеста“, истакнаа пациентите.

Како позитивен чекор тие ја истакнаа бесплатната психолошка поддршка која функционира на Клиниката за онкологија, чиј директор д-р Нино Васев денеска истакна дека кога му била предочена идејата за ваков проект, без размислување ја прифатил.

„Карциномот не е само болест на телото, туку и на душата. Затоа е важно пациентите и нивните семејства да добијат стручна помош и поддршка за полесно пребродување на ситуацијата. Од таа причина и во време на ковид, воведовме бесплатни онлајн средби со психолог, како грижа за менталното здравје. Досега се реализирани над 150 вакви средби, а дополнително психолошката поддршка за пациентите е достапна секој работен ден на Онколгија“, изјавија претставниците на Комората на психолози кои присуствуваа на денешната средба.

Изразувајќи поддршка за активностите за зголемување на свеста за борбата против ракот на дојка, претседателот Пендаровски и неговата сопруга истакнаа дека тие се од големо значење особено за поттикнување на самопрегледите и редовните контроли кои се клучни во навременото откривање на заболување кое за жал, сѐ повеќе ја погодува  и младата популација.

Денешната посета се организира во рамките на активностите од „Отворен кабинет на претседателот“, односно од проектот Лице в лице со Претседателот. На посетителите им беа претставени историски податоци за претседателската вила,  беа информирани за работата и надлежностите на претседателот Пендаровски, а ги посетија и просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби. Тие имаа можност во Мозаик салата да го разгледаат и импозантниот диптих „Македонија – светла земја” и „Македонија памети”, изработен од академик Глигор Чемерски.

Посетата се организира по повод одбележувањето на октомври како месец за подигање на свеста за борбата со ракот на дојка, а пациентите апелираа дека покрај актуелните „розови“ кампањи, за оваа тема треба да се дискутира во текот на целата година за да се постигнат решенија за бројните предизвици.

 

(В.Ми.)