Светски познатиот германски фестивал на пивото – Октоберфест, што се одржува во Минхен секоја есен, следната година ќе трае два дена подолго, објави Градскиот совет.
„Да се надеваме дека времето ќе биде подобро, бидејќи тогаш одлуката ќе има смисла. Градските власти сметаат дека итно е неопходно да се обезбедат и дополнителни средства за подобри безбедносни мерки, вклучително и повисоки плати за безбедносните лица, изјави градоначалникот Дитер Рајтер, коментирајќи ја одлуката, поддржана од речиси сите партии, со исклучок на екстремната левица „Ди Линке“.
Властите се надеваат дека со ова продолжување ќе се надоместат загубите по овогодишниот Октоберфест, одржан по двегодишна пауза поради пандемијата на Ковид-19. И бројот на посетители годинава бил значително помал, делумно и „поради невообичаеното дождливо и студено време“. Така, наредната 2023 година фестивалот ќе трае 18 дена – од 16 септември до 3 октомври, во обид да се дојде и до повеќе приходи.
МИА