Тајландската милијардерка и извршна директорка на медиумската куќа „ЈКН“, Џакапонг Ен Џакраџутатип ја купи организацијата на „Изборот на Мис универзум“ за 20 милиони долари, соопшти денеска компанијата.
Ен, инаку, е трансродова жена и застапник за правата на трансродовите луѓе и е позната и по учеството во реални шоуа во Тајланд. Таа, по повод последниве настани, изјави дека, првпат во историјата, „организатор на овој натпревар ќе биде жена“, пренесуваат западните медиуми.
– Купувањето е силен, стратешки додаток на нашето портфолио. А, намерата е „Изборот за Мис универзум“ да се прошири во Азија, рече Џакраџутатип.
„ЈКН“ продуцира свои емисии и дистрибуира странски документарни филмови и боливудски драми. Според податоците од берзите, акциите на медиумската куќа денеска скокнале за 10 отсто. Годишниот избор за убавина организиран се пренесува во 165 земји и се одржува веќе 71 година.